Прогласена е вонредна состојба во Токио, која треба да почне да се применува од понеделник, 11 дена пред отворањето на Летните олимписки игри, и треба да трае до 22 август, два дена пред почетокот на Параолимписките игри
Јапонската влада прогласи вонредна состојба во Токио, кој се бори со наглото зголемување на позитивни на ковид-19. Мерката, која треба да почне да се применува од понеделник, 11 дена пред отворањето на Летните олимписки игри (ЛОИ), и треба да трае до 22 август, два дена пред почетокот на Параолимписките игри (ПОИ), ја зголемува веројатноста Игрите да се одржат без гледачи.
Токио во средата пријави 920 нови позитивни на ковид-19 (најмногу имало на 13 мај, 1.010). Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и Организацискиот комитет (ОК) на ЛОИ 2020, минатиот месец соопштија дека посетеноста ќе биде ограничена на 50 отсто од капацитетот на трибините, или максимум 10.000 луѓе.
– Земајќи го предвид влијанието на варијантите на коронавирусот и потребата да се спречи повторното ширење на инфекциите во земјата, треба да ги зајакнеме нашите противмерки. Со оглед на ситуацијата, ќе воведеме вонредна состојба за Токио – рече премиерот Јошихиде Суга, пренесе британски „Гардијан“.
Во почетокот на годинава, потпретседател на ИОК, Џон Коутс, кој ги надгледува олимписките подготовки, рече дека Игрите би можеле да се одржат дури и ако во Токио има вонредна состојба, пишува „Гардијан“.