АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Американецот Тед Лигети (35), двократен олимписки шампион во алпско скијање, планира да настапи и на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2022 година во Пекинг, кои би биле петти Игри за него. Со тоа тој би го соборил рекордот на Боди Милер како најстар американски скијач што настапил на ЗОИ.
На Игрите во 2014 година петти и последни за него, Милер имаше 36 години и освои бронзен медал во супервелеслалом. Лигети, пак, освои златни медали на ЗОИ во 2006 година во Торино, во комбинација, и во 2014 година во Сочи, во велеслалом. Во 2022 година, ако настапи, Лигети ќе биде постар од кој било олимписки скијач на САД во која било дисциплина, по скијачот-скокач, Педер Фалстад, кој на ЗОИ 1932 во Лејк Плесид имал 38 години.
Лигети се обидува да се врати на врвот по низата повреди претходните години.
– Ќе се обидам да истрајам, да го зачувам телото, да тренирам, да се натпреварувам и да се поштедам од болки – вели Лигети.