ШАХ
Норвежанецот Магнус Карлсен и Русинката Катерина Лагно победија на шаховскиот интернет-меморијал „Вилхелм Штајниц“ во брз шах (три минути, плус две секунди по играч), во чест на првиот светски првак во класичен шах. Карлсен и Лагно моментно се и актуелни прваци во брз шах. Се играа вкупно 18 кола во три дена, со 10 врвни играчи, а турнирот беше пренесуван на норвешката телевизија.
– Среќен сум што го освоив турнирот, но играв ужасно од почетокот до крајот – рече Карлсен, кој беше втор по вториот натпреварувачки ден.
И Лагно беше задоволна, иако не ужива многу да игра интернет-шах.
– Искрено, не уживам во играта преку интернет. Ваквите турнири само ми ја одржуваат формата, да проверам некои анализи… Но на вакво нешто не сум навикната, оти сакам да го видам противникот пред мене, да ги делиме мислењата и да зборуваме по партијата – вели Лагно.
Табела, мажи: Карлсен 12, Дубов 10, Свидлер 9,5, Мамеѓаров 9, Ле 9, Сјонг 9, Коробов 8,5, Бу 8,5, Гуљаро 7,5, Гришчук 7 поени.
Табела, жени: Лагно 13, Леи 12, Абдумалик 11,5, Костењук 10,5, Тан 10, Шадемалшарих 9, Стефанова 9, Себаг 8,5, Паетц 4,5, Кори 3 поени.