Натпреварувањето за репрезентации ќе го промени своето име во чест на тениската великанка Били Џин Кинг, чија доживотна битка за еднаквост и социјална правда ги постави темелите на следните генерации

ТЕНИС

Купот Били Џин Кинг е првото големо глобално тениско натпреварување што ќе носи име на една жена, соопшти Меѓународната тениска федерација (ИТФ). Досегашниот Куп на федерациите ќе го промени своето име во чест на тениската великанка Били Џин Кинг, чија доживотна битка за еднаквост и социјална правда ги постави темелите на следните генерации.
– Уште сум во шок. Ова е вистинска привилегија за мене, а исто така и одговорност. Ова е навистина прекрасно – рече 76-годишната Кинг по ребрендирањето на купот.
Преименувањето следува по претходните измени, со кои се усогласија наградите со машкиот Дејвис-куп, а се совпаѓа и со 50-годишнината од првите напори на Кинг за професионални тениски турнири за жени.

– Сите поголеми екипни натпреварувања, вклучувајќи го и Дејвис-купот, се именувани по мажи и затоа сметаме дека навистина е соодветно што светскиот куп во тенис за жени ќе биде именуван по Били Џин Кинг, која го смени ликот на женските спортови – рече претседателот на ИТФ, Дејвид Хагерти.
Кинг и нејзините колешки, познати како „Оригиналните девет“, ги ризикуваа своите кариери за да ја почнат турнејата Вирџинија Слимс. Нивната работа во 1973 година доведе до формирање на Женската тениска асоцијација (ВТА) како организациско тело за професионален тенис за жени. Напорите на Кинг доведоа до профитабилни наградни фондови и договори од повеќе милиони долари, кои денес ги уживаат врвните женски тениски имиња.

– Денес тенисерките го живеат нашиот сон и ние сме одушевени од нив – рече Кинг за „Асошиејтед прес“.
Кинг освои 12 гранслем-титули во поединечна конкуренција, од кои шест на Вимблдон, а заедно со титулите во двојки и мешани двојки има 39 гранслем-трофеи. Нејзиниот најпознат натпревар е победата над 55-годишниот Боби Ригс со 6-4, 6-3, 6-3 во т.н. „Битката на половите“ во 1973 година. Кинг е рекордерка со 10 победи во Купот на федерациите како тенисерка и тренерка.