Спонзорствата се еден посебен однос, постапка на човекољубив однос кон другите, љубов и пожртвуваност, ставање на туѓиот интерес пред другиот. Тие треба да придонесат за опкружението, општеството, нацијата и државата, треба да бидат стратегиски и долгорочни, без разлика колкави се. Во спортот, тие придонесуваат за напредок и креирање позитивни спортски резултати, развој на децата, младината и генерациите што доаѓаат. За здрава и просперитетна нација
„Си одам, останувам, си одам, останувам, си одам…“. Ова честопати го слушавме од спонзорот на машкиот ракометен клуб и на фудбалскиот прволигаш Вардар, рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, откако дојде во Македонија во 2012 година. Пред неколку дена Самсоненко најави дека го напушта ФК Вардар (главен спонзор на клубот е од јануари 2014 година).
Со тоа, тој повторно и повторно испрати негативен сигнал, со кој иднината на овој спортски колектив и на неговите фудбалери станува крајно неизвесна.
Но пораката што тој ја прати не е само до фудбалерите или до ракометарите на Вардар. Таа има многу подлабоки референци. Тоа пред сѐ е исклучително негативна порака до сите негови колеги, бизнисмени, компании, институции, до сите потенцијални поддржувачи на спортот, до сите општествено одговорни субјекти што имаат високи, благородни чувства кон спортот, младите и општеството воопшто. И не само негативна порака туку тој направи и директна штета на македонскиот спорт, оставајќи опашки зад себе, кои ќе се влечат години… Попусто и спортска сала, хотел и слични објекти, кога тие остануваат празни, без душа, никогаш непополнети со македонски подмладок, со генерации пионери, пионерки, кадети и кадетки, младинци и младинки. Сега, кога ќе заминат и странците платени спортисти, ќе остане ли нешто наше, како национално спортско богатство, младеж што ќе ги брани боите на својата родина? Тешко богами. Токму како онаа народната приказна во која кравата што давала млеко, секогаш на крајот ја клоцнувала кофата и истурала сѐ…
Какво фајде од сето тоа?!
Овој тип спонзорство, каде што добрите намери се во втор план и под личните, не е ништо ново. Тоа воопшто не е општествено одговорно работење, не е на долгорочни патеки, и е без никаква одговорност (повеќе е – дај, односно земи и бегај). Секако, неповолно ќе се рефлектира кон добронамерните спонзори, поточно оние што се вистински спортски вљубеници, визионери и патриоти, оние што го сакаат и се грижат за македонскиот клупски и репрезентативен спорт. Истовремено, ваквата постапка испрати и многу лоша порака до целокупната македонска спортска јавност.
Спонзорствата се еден посебен однос, постапка на човекољубив однос кон другите, љубов и пожртвуваност, ставање на туѓиот интерес пред личниот. Тие треба да придонесат за опкружението, општеството, нацијата и државата, треба да бидат стратегиски и долгорочни, без разлика колкави се. Во спортот, тие придонесуваат за напредок и креирање позитивни спортски резултати, развој на децата, младината и генерациите што доаѓаат. За здрава и просперитетна нација.
Вложувањето во спортот треба да биде плански, со развојна компонента, а насочено пред сѐ кон развој на младинската категорија спортисти. За тоа се потребни сѐ подетални планови со долгорочна стратегија, кои ќе создаваат спортски академии, масовност, од која подоцна ќе произлезе квалитет, а со тоа успешни резултати, и тоа од сопствениот погон. Само така може да се привлечат спонзорите, а целата држава да има бенефиција од тоа.
За среќа, визионери и алтруисти имаме, но сѐ уште може да се избројат на прсти. Тие остануваат во спортот и на дожд и на бура и на сонце. Граѓаните многу добро ги познаваат нив и примерите на нивното работење. Но, за жал, Самсоненко не беше еден од нив.