Олимпискиот и светски првак на 3.000 метри со пречки, Кениецот Конселсус Кипруто е позитивен на тестот за коронавирус и ќе го пропушти отворањето на сезоната на Дијамантската лига, која ќе почне в петок во Монако.
Кипруто (25), чие најдобро време е 8.00,12 минути, вели дека се чувствува добро пред натпреварувањето, во кое се надеваше дека ќе го урне светскиот рекорд, кој е во сопственост на Саиф Саид Шахин (7.53,63 минути).
– Светот минува низ еден предизвикувачки период и сите ние треба да бидеме одговорни. Жал ми е што мојот тест е позитивен на ковид-19 и што нема да можам да бидам дел од Дијамантската лига на 14 август – изјави Кениецот, додавајќи дека нема никакви симптоми и дека е во многу добра натпреварувачка форма.
По Дијамантската лига во Монако следуваат и митинзите во Стокхолм, Лозана, Брисел, Рим, Неапол, Доха, а локацијата во Кина допрва треба да се утврди.
Митинзите во Јуџин, Лондон, Париз, Рабат, Гејтсхед и во Шангај беа откажани поради пандемијата на коронавирусот.