Монт Еверест е затворен за остатокот од сезоната за сите експедиции поради ширењето на коронавирусот. Министерот за туризам Јогеш Батараи рече дека експедициите на сите врвови во пролетната сезона март-мај се прекинати.
– Качувањето сезонава е запрено – рече Батараи за „Ројтерс“.
– Тоа е претпазливост за тоа – додаде тој, кога го прашаа дали тоа е поради коронавирусот, пренесе „Ројтерс“.
Кина веќе ги откажа експедициите од својата страна на планината. Непал, каде што се наоѓаат осум од 14-те највисоки врвови во светот, вклучувајќи го и Монт Еверест (8.848 метри), добива повеќе од четири милиони долари во такси за дозволи за искачување на највисокиот врв во светот и другите планини секоја година, објави „Ројтерс“.
Во моментов има еден потврден случај на коронавирус во Непал. Суспендирањето на експедициите во Непал ќе влијае на стотици странски алпинисти, кои сега се подготвуваат за пролетната сезона, време на релативно добро време помеѓу крајот на студената зима и сезоната на дождови, која почнува во јуни, пишува „Ројтерс“. Ова е вторпат за неколку години како сезоната на качување е нарушена. Експедициите беа прекинати во 2015 година по големиот земјотрес што го погоди Непал на 25 април таа година, при што загинаа околу 9.000 луѓе, а 18 лица загинаа во базниот логор на Монт Еверест од лавина предизвикана од земјотресот, објави „Ројтерс“.
– Ова е разочарувачка вест за нашите водачи на експедициите и за нашите клиенти, кои тренираа со месеци за искачувањето годинава – рече Лукас Футенбах, од калифорниската компанија „Футенбах Авантура“.
Адријан Балингер од компанија за организација на експедиции рече дека ја разбира одлуката.
– Откажувањето на искачувањето никогаш не е резултат што го сакаме. Овој пат, одговорно е да се направи тоа. Избувнувањето на ковид-19 во базниот камп би било опасно и потенцијално погубно – рече Балингер во изјавата што ја пренесе „Ројтерс“.