Ова за мене е мало разочарување, бидејќи мислев дека во одреден момент имам многу ветувачка позиција, но изгледа и не видов најпрецизно во кој момент, рече Каруана по осмата партијата.
Осум партии, осум ремија во мечот за титулата светски шаховски првак помеѓу Норвежанецот Магнус Карлсен и Американецот Фабијано Каруана, кој во 12 партии се игра во Лондон. Сепак, мечевите се далеку од здодевни, дури некои од нив на работ од цел поен. Карлсен беше блиску до победа во првата, а Каруана во шестата и во осмата партија, барем за оние што користат суперсилни аналитички компјутери.
Но ако резултатот е позначаен од играта, тогаш и може да се разберат овие реми-позиции на двајцата врвни велемајстори. Ова нивно осмо последователно реми во Лондон, всушност и го израмни рекордот на Гари Каспаров и на Вишванатан Ананд во нивниот меч за светски првак во Њујорк во 1995 година. Резултатот сега е 4-4, а во деветтата партија (утре), „бел“ е Карлсен.
– Ова за мене е мало разочарување, бидејќи мислев дека во одреден момент имам многу ветувачка позиција, но изгледа и не видов најпрецизно во кој момент – рече Каруана, а Карлсен додаде дека се чувствувал како да се извлекол од убиство.
Каруана повторно се отвори со потегот 1е4, а Карлсен уште еднаш одговори со сицилијанска одбрана (1… ц5), но, наместо росолимо-варијантата (3. б5), Каруана се впушти поотворено со 3. д4, а Карлсен одговори со варијантата на Швешников (5… е5), која беше популарна во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, но која, сепак, се смета за многу антипозициско отворање. Светскиот шампион презеде некои ризици во раната средишница со притискање на Г-пешакот на Каруана, но клучен момент беше 21-от потег, кога Каруана по 33 минути размислување го одигра логичниот потег пешак на Ц5, по кој норвешкиот суперкомпјутер „Сессе“, му даде предност на повеќе од два поена, што е доволно за победа во шахот. Но во продолжението Американецот одигра пасивен потег, со пионот на Х3, што беше доволно Карлсен да ги елиминира сите опасности по сопствениот крал.
– Тоа е најголемата сила на Магнус, оти кога ги изедначува овие лоши позиции, тој всушност ги игра најдобрите потези. Со тоа што вршите притисок врз Магнус, не значи дека тој е изгубен или нешто слично – изјави по ремито, силниот американски велемајстор Хикару Накамура.
А причината зошто Каруана не победи во таа партија, може да биде мошне едноставна. Ако страната што има предност во партијата има неколку различни ветувачки можности да дојде до цел поен, тогаш тешко е да се избере вистинската. Каруана очигледно не го избра најдобриот пат. Можеби тоа ќе му успее во деветтата партија.
Г.И.