ИНТЕРВЈУ СО НИКОЛА ЃОРГИЕВ, КАПИТЕНОТ НА ОДБОЈКАРСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА
Во 15-годишната кариера играв во седум земји. Секаде ми недостига семејството, родната Струмица, ми недостига убавината на Македонија. Кога сум дома, како нов човек сум, се преродувам, добивам некоја нова енергија, заморот веднаш го снемува, вели Ѓоргиев, со кого разговаравме за ЕП 2019, за неговите почетоци, плановите, интересирањата надвор од одбојката…
Капитенот и најдобриот одбојкар во репрезентацијата на Македонија, Никола Ѓоргиев (31), 2019 година ќе ја памети најмногу по историскиот деби-настап на Европското првенство (ЕП) во групата Ц, во Словенија, кога Македонија забележа две победи (над Белорусија и над Словенија) и три пораза (од Финска, Турција и од Русија), остави одличен впечаток и малку недостигаше да се најде во следната фаза. Со Ѓоргиев разговаравме за тој настап на репрезентацијата, за неговите почетоци, за неговиот нов клуб, Фридрихсхафен, за идните планови, за неговите интересирања надвор од одбојката…
Како го оценувате настапот на Македонија на ЕП 2019 откако поминаа неколку месеци и малку слегнаа емоциите?
– Можам да кажам дека тоа беше одличен настап. Постигнавме две победи, но, за жал, не се пласиравме во следната фаза. Но ние го сторивме нашето. Во почетокот, особено против Финска, влеговме по малку еуфорично, не бевме доволно трпеливи во играта и не дадовме максимум. Сепак, знаев дека како што ќе минува турнирот, ќе играме сѐ подобро. Ја победивме и Словенија, која стана европски вицепрвак, и тоа беше можеби најдобриот меч на репрезентацијата на Македонија од 2005 година, откако јас сум во неа. Задоволен сум и од мојот настап, кој можеше да биде и подобар на првите два меча. Но имав болки во рамото, кои потоа со помош на фитнес-тренерот од Франција ги санирав, што се виде на следните три меча, според бројките и ефектот.
Во годината што е пред нас, Македонија ја очекуваат две големи натпреварувања, Златната лига, потоа и квалификациите за ЕП 2021. Може ли Македонија да ги повтори постигнувањата од 2019-та?
– Отсекогаш сум велел дека во златната лига ни е местото, меѓу најдобрите европски репрезентации. Заслуги за тоа имаат и луѓето во Одбојкарската федерација на Македонија. Тешка е групата, но ривалите не се непобедливи (Чешка, Турција и Португалија – н.з.). Многу ќе зависи дали ќе бидеме комплетни, сите здрави. Ќе биде добро ако ја совладаме Чешка во првиот меч, потоа ќе видиме. Квалификациите, пак, се нова шанса за пласман на ЕП, но да почекаме до ждрепката.
Во 15-годишната интернационална кариера игравте во многу клубови од различни земји. Какви се искуствата, каде ви беше најдобро, кој тим или лига беа најсилни? Колку е тешко (или лесно) да се менуваат тим и животна средина? Што ви недостига од Македонија?
– Воопшто не е лесно да се менува тим, земја. Тоа е меч со две сечила, не знаете каде ќе отидете. Но јас сум таков карактер, не сакам да се задржувам предолго на едно место. Бев по четири години во Србија и во Турција, па во Јапонија, Полска, Франција. Не сакам да жалам за ништо кога ќе ја завршам кариерата. Во 15-годишната кариера играв во седум различни лиги. Секаде се чувствував убаво, го давав максимумот. Имало различни работи, добри и лоши, но сакам да ги паметам само убавите работи. Секаде ми недостига семејството, родната Струмица, ми недостига убавината на Македонија. Кога сум дома, како нов човек сум, се преродувам, добивам некоја нова енергија, заморот веднаш го снемува. Сезонава сум во германскиот Фридрихсхафен. Ќе ви откријам една мала тајна, а тоа е дека отсекогаш сум посакувал да играм за тој тим, навистина. Кога дојде понудата, воопшто не се двоумев. Таму ме примија одлично, многу сум почитуван, ме поставија и за капитен, тоа е голема чест и обврска. Организациски клубот е највисоко ниво, а што се однесува до тимот, сезонава има деветмина нови одбојкари. Засега ни оди добро, тоа и се очекува од нас, затоа и сме ангажирани. Целта е освојување на титулата, а во ЛШ пласман во следната фаза, што ќе биде доста тешко. Во Италија лигата е многу силна, но таму бев многу млад, на 21 година, не играв многу. На највисоко рамниште е и полската лига, тоа беше голем предизвик за мене, не сакав да ја пропуштам шансата да играм таму, добро се снајдов, освоив и три награди МВП. Тоа беше одлична играчка епизода за мене.
Во долгата и успешна кариера сте играле со и против голем број одлични одбојкари и сте соработувале со многу тренери. Кого би издвоиле?
– Го издвојувам Србинот Иван Миљковиќ, тој ми беше идол. Тој е еден од најдобрите на сите времиња, поради него и почнав да играм одбојка. Своевремено во Турција со мојот тим, Мили Пјанго, постигнав две победи против неговиот тим. Тогаш работите некако си дојдоа на место, сфатив дека со многу работа и труд може многу да се постигне. Паметам и многу други врвни одбојкари, „ѕверови“, како Дмитри Мусерски, Османи Хуанторена, Дамијан Војташек. Од тие со кои сум играл во ист тим го издвојувам Марко Јовиќ, заедно игравме во Турција. И, секако, најдобрите со кои сум играл се репрезентативците на Македонија… Од многуте тренери, од секого имам научено по нешто. Од првите Стефан Вета, па Кире Ричлиев и Илија Караманов во Струмица, преку Дејан Брѓовиќ во Србија, Јошко Миленкоски во Турција, Стефан Антига во Полска, па до сегашниот Михаел Варм во Германија. Сите од ред се одлични луѓе и тренери, кои ме направија подобар играч.
Кои се вашите планови по завршувањето на активната кариера?
– Засега не правам никакви поголеми планови. Максимално сум концентриран на тоа што го правам во моментов, сакам да бидам подготвен и да го дадам максимумот. Најверојатно ќе останам во одбојката, но не се гледам во улогата на тренер. За да се биде врвен тренер, треба да сте инволвирани 24 часа во тоа. Како играч размислувате само за себе, за својата игра, по мечот си одите дома, се релаксирате со семејството, заборавате на мечот. А тренерот мора да размислува за 14 играчи, да прави анализи, тактики. Не знам, не можам да речам дека никогаш нема да бидам тренер, но во моментов тоа не ми паѓа на памет, вели Никола Ѓоргиев.
Порака до спортска Македонија за 2020 година
Повеќе спортисти на ЛОИ и – медал
– На сите македонски спортисти, тимови и репрезентации им посакувам успешна година. На ракометарите, кои први настапуваат во 2020 година, на ЕП, им посакувам да се закитат со медал. На фудбалерите им посакувам да го поминат баражот и да се најдат на ЕП, исто како и на кошаркарите. Ние одбојкарите да стигнеме до фајналфорот во златната лига, потоа да имаме и успешни квалификации за ЕП 2021. Посакувам и навивам Македонија да има што повеќе спортист(к)и на ЛОИ 2020, на каратистот Емил Павлов да избори виза за настап и да нѐ претставува достојно. И посакувам медал од Токио… – вели Никола Ѓоргиев.
Посакувам да играм во финале на ЛШ
Како го минувате слободното време, имате ли хоби, неостварени желби, омилена книга, филм, храна (македонска и во странство)?
– Слободно време како и да немам. Кога сум без обврски, времето го поминувам во спа-центри, одам на масажи за што побрза рехабилитација. Сакам да сум и со сопругата и со ќеркичката, да ја гледам како расте. Хоби ми е интернетот, читам и книги, би ја издвоил „Монахот што си го продаде своето ферари“ на Робин Шарма, а омилен филм ми е „Гладијатор“ со Расел Кроу. Неостварена желба? Кога веќе не можам со Македонија на ЛОИ, тогаш посакувам да играм во финале на ЛШ. Од храната, од македонската, омилени ми се тавче гравче, сарма и ќофтиња. Во другите земји, во Јапонија тоа е удон, во Франција стек, во Полска татарот и пироги, во Италија пастата, во Турција искендер ќебап, број 1 во моето мени, го јадам и во Германија – вели Никола Ѓоргиев, за кого неостварена желба, барем засега, е и да заигра во ист тим со братот Ѓорги, кој сега е во Франција, во Пари волеј.
Ќе бев добар тенисер, можеби и фудбалер
Што беше клучно и како се случи да ја изберете одбојката за свој спорт? Кои други спортови ги сакате и ги следите, освен одбојката? Во кој спорт би биле добар да не сте одбојкар?
– Татко ми (Александар Ѓоргиев – н.з.) своевремено беше претседател на ОК Македонија, жени, во 1992, 1993, 1994 година, и како дете често бев на нивните тренинзи, ја удирав топката во ѕидот. Со осум години почнав да тренирам таму, кај Стефан Вета. Потоа, по некоја година, некаде од петто одделение, отидов кај Кире Ричлиев и кај Илија Караманов во ОК Струмица. Веројатно пресудни беа ЛОИ 2000 во Сиднеј, кога Србија стана олимписки првак и јас сфатив дека сакам да бидам одбојкар како Иван Миљковиќ. Од другите спортови, следам речиси сѐ, НБА, тенис, навивач сум на Новак Ѓоковиќ, фудбал, гледам што се случува во петте најсилни лиги во Европа, и во македонската секако, потоа ракомет, Вардар, Пелистер, Еурофарм, Металург… Мислам дека ќе бев добар тенисер поради височината (194 см). Како дете тренирав и фудбал, бев центархалф, добро ми одеше. По завршувањето на активното играње одбојка, сигурно ќе имам повеќе време за тенис, ми се допаѓа бидејќи нема контакти – вели Никола Ѓоргиев.