СВЕТСКИ КУП

Јапонецот Рјоју Кобајаши победи на вториот натпревар од Светскиот куп (СК) во Клингентал (Германија) во скијачки скокови, во отежнати услови со континуирани врнежи од дожд, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. Зад Кобајаши беа петмина Норвежани на местата од два до шест. Патеката за залет беше побавна од вообичаено поради постојаниот дожд.
– Дефинитивно ни беше предност затоа што многу често трениравме во слични услови во Осло во претходните месеци, знаеме како да се справиме со вакви услови – вели Јохан Андре Форфанг (шести на тој натпревар).
Кобајаши, исто така, знае да се справи со овие посебни околности.
– Често тренирав во такви услови и во минатото постигнував добри резултати и во тешки услови како денешните – рече Кобајаши.
Карл Гајгер и понатаму води во генералниот пласман во Светскиот куп со 414 поени, а го следат Кобајаши со 316 и Стефан Крафт со 311 поени. СК продолжува викендов со два натпревара во Енгелберг (Швајцарија).