Мечот за светски првак треба да има 16 партии. Строго сум против тајбрејкот, затоа што не може да се комбинираат класичен и брз шах. Титулата светски првак е толку важна што не можете да ја решите со блиц-партии. Ако биде нерешено, треба да се игра до првата следна победа, но со класично темпо на размислување
Рускиот велемајстор и 12-ти по ред светски првак во шах, Анатолиј Карпов (68), кој беше присутен на неодамна завршениот турнир во Гибралтар и, патем, одигра и симултанка на 29 табли (25 победи и четири ремија), даде поопсежно ТВ-интервју, во кое се осврна на повеќе прашања во шахот. Пренесуваме дел од неговите одговори.
ЗА АКТУЕЛНИОТ СИСТЕМ ЗА СВЕТСКИ ПРВАК: Не ми се допаѓаат одлуките за промена на контролата на времето оти тоа го приближува класичниот до брзиот шах и тогаш не ја гледам причината зошто имаме две првенства. Направете едно. Сепак, верувам дека мечот за светски првак треба да има 16 партии. Строго сум против тајбрејкот, затоа што не може да се комбинираат класичен и брз шах. Титулата светски првак е толку важна што не можете да ја решите со блиц-партии. Ако биде нерешено, треба да се игра до првата следна победа, но со класично темпо на размислување. Едноставно е, за светски првак во класичен шах треба да се игра класичен шах.
КОЈ ЌЕ ГО ПРЕДИЗВИКА МАГНУС КАРЛСЕН: Овој пат сметам дека Динг Лирен има најдобри шанси да го предизвика Магнус Карлсен во меч за титулата светски првак годинава. Тој ја покажа својата сила минатата година, но, сепак, верувам дека Карлсен ќе продолжи да биде светски шампион барем во уште еден меч за титулата.
ЗА МЕЧЕВИТЕ СО ВИКТОР КОРЧНОЈ: Виктор Корчној го достигна својот врв во 1977-1978 година, што лично не очекував, но бев сигурен дека имам подобри шанси против него во мечевите за светски првак. Во мечот во 1978 година, кој беше речиси повторување на нашиот дуел од 1974 година, имав три победи од 18 партии, а Корчној не успеа да победи ниту една. И тогаш наеднаш изгубив две партии (19-та и 21-та), а во последната партија ремизиравме иако имав добиена позиција. Корчној прифати реми за да не изгуби уште една партија.
ЗА СВОЈОТ СТИЛ НА ИГРА: Јас играв за победа целиот натпревар. Дури и кога имав проблеми, сфаќајќи како да се бранам, уште барав како да се бранам и како да направам контранапад. Можев да најдам дополнителни можности да им создадам проблеми на моите противници.