Во големото финале, во возбудлив маратон, тој беше подобар, со 4-3 во дневни дуели или одиграни 38 партии, од Американецот Накамура

ШАХ

Актуелниот светски првак Магнус Карлсен (2.881 рејтинг-поени во забрзан шах), победи на шаховската интернет-серија „Магнус Карлсен“, севкупно вредна еден милион долари, докажувајќи дека е најдобриот интернет-шахист на планетата. Во големото финале, во возбудлив маратон, тој го победи Американецот Хикару Накамура (2.829) со 4-3 во дневните дуели, а одлучувачката армагедон-партија (белиот има пет минути, црниот четири, но црниот и со реми е победник н.з.) заврши со реми, што му одеше во прилог на Норвежанецот, кој за триумфот освои 140.000, а Накамура 80.000 долари.
– Имаше толку многу пресврти. На крајот, малку случајно, сѐ беше решено со една партија. Накамура е многу издржлив ривал, а овој меч беше многу тежок и непријатен за играње. Во некои моменти чувствував дека го надмудрувам противникот, а потоа тој почнуваше да возвраќа – коментираше Карлсен.

Оваа онлајн серија турнири ја осмисли самиот Карлсен, откако сите шаховски настани беа одложени поради ковид-19. Карлсен победи на три од четирите турнири, а во големото финале и борбата за севкупен победник се соочи со Накамура. Временската контрола на партиите беше 15 минути, плус 10 секунди за секој потег по играч, но 5-та и 6-та партија се играа по пет минути по играч. Полуфиналето на финалниот турнир се играше на подобар од пет (по четири партии секој ден), а Карлсен севкупно го победи Кинезот Динг Лирен (3-1), додека Накамура беше подобар од Русинот Данил Дубов (3-0).

Четворицата победници на турнирите одиграни од април до август, се квалификуваа на финалниот турнир. Бидејќи Карлсен победи на три, а Дубов на еден турнир, двајца играчи што не победија, а имаа најдобар пласман од поразените (Лирен и Накамура), им се придружија на Карлсен и на Дубов. На секој турнир од оваа серија (освен финалето), играа шахисти поделени во две групи, од кои првите четворица од двете групи продолжуваа по нокаут-систем.
Финален резултат: Карлсен – Накамура 4-3. По денови 1,5-2,5, 3,5-2,5, 2,5-3,5, 2,5-1,5, 3-4, 3-1, 3,5-2,5.