На првите четири играчи од секој турнир им е загарантирано место во следниот, а големото финале ќе се игра помеѓу победниците на поединечните турнири. Во оваа серија е влезен и веќе одиграниот турнир во брз шах, кој се одржа од 18 април до 3 мај, а чие финале го следеа 114.000 интернет-гледачи
ШАХ
Норвешкиот велемајстор (ВМ) и актуелен светски првак Магнус Карлсен, на прес-конференција во Осло (Норвешка) објави дека ќе почне шаховска интернет-серија од пет турнири, со вкупен награден фонд од еден милион долари.
Во оваа серија е влезен и веќе одиграниот турнир во брз шах, кој се одржа од 18 април до 3 мај (вреден 250.000 долари), каде што во финалето (следено во живо од 114.000 интернет-гледачи), Карлсен го победи Американецот Хикару Накамура.
Успехот на овој турнир, како и откажувањето на годинашната Гранпри-серија, го инспирира Карлсен да го преземе овој чекор. Контролата на времето ќе биде 15 минути, плус 10 секунди по секој одигран потег по шахист. Ќе настапуваат по 12 шахисти со прелиминарна фаза, а потоа најдобрите осум ќе продолжат во нокаут-фазата. Партиите ќе можат да се гледаат на интернет-страницата „Чес 24“.
– Првиот пат мислев дека е забавно, а сега дека може да биде многу возбудливо во иднина. Не очекувам да се случуваат настани на шаховската табла во блиска иднина. Овие турнири ќе пополнат празнина за навивачите и за играчите – изјави Карлсен.
На првите четири играчи од секој турнир им е загарантирано место во следниот. Големото финале, пак, ќе се игра помеѓу победниците на поединечните турнири. Доколку некој играч победи на два или повеќе турнири, дополнителното место ќе се одлучи по системот на освоени бодови.
Следниот ваков турнир е Линдорес Абеј од 19 мај. Тоа ќе биде онлајн верзија на минатогодишниот турнир што турнирски се одржа во Шкотска. На него, освен Карлсен, ќе настапат Накамура, Динг Лирен, Алиреза Фирузја, Весли Со, Александар Гришчук, Сергеј Карјакин, Левон Арониан, Веи Ји, Данил Дубов, Јан-Криштоф Дуда и Ју Јангуи.
Пред овој турнир Карлсен повторно ќе се најде во акција, овој пат на турнирот во забрзан шах, меморијалот на ФИДЕ, Вилхелм Штајниц, да го одбележи датумот на раѓање на првиот светски шампион.
ТУРНИРИ
Турнир со покана (одигран 18 април – 3 мај), 250.000 долари
Линдорес (19 мај – 3 јуни), 150.000 долари
Чесмастер (20 јуни – 5 јули), 150.000 долари
Шаховски легенди (21 јули – 5 август), 150.000 долари
Финален турнир (9-20 август), 300.000 долари
сумата е наградниот фонд на секој турнир