Фудбалерот Мишел Салгадо го одигра првиот потег

Во мечевите за светски првак, само двајца предизвикувачи што имале два поена помалку во текот на мечот успеале да направат пресврт и да станат светски шампиони. Едниот бил Макс Еве, а другиот Роберт Фишер

ШАХ – МЕЧ ЗА СВЕТСКИ ПРВАК

Со втората победа во осмата партија од мечот за титулата светски првак во шах, кој се игра во Дубаи (ОАЕ) во 14 партии, Магнус Карлсен (2.855 рејтинг-поени, рангиран на првото место во светот), го зголеми своето водство на 5-3 пред третиот слободен ден против предизвикувачот Јан Непомнијашчи (2.782). Во Петрова одбрана, белите фигури ги имаше Норвежанецот. Во историјата на мечевите за светски првак, само двајца предизвикувачи што имале два поена помалку во текот на мечот успеале да направат пресврт и да станат светски шампиони. Едниот бил Холанѓанецот Макс Еве во 1935 година против Русинот Александар Аљехин, кога мечот бил ограничен на 30 партии, и Американецот Роберт Фишер во 1972 година против Русинот Борис Спаски во меч од 24 партии.
Карлсен, очигледно, беше многу задоволен од резултатот.
– Што да кажам, резултатот е огромен. Мошне сум уморен и со нетрпение го чекам денот за одмор – прокоментира Карлсен, кој откако не освои ниту една класична партија во двата последни мечеви за титулата од 12 партии, дури двапати победи во три дена во Дубаи, што претставува серија од соништата за бранителот на титулата.