Во драматичен финален меч, кој во регуларниот дел и во тајбрејкот заврши нерешено, Карлсен го победи Со и му се реваншира за двата пораза во досегашната серија
Светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен победи на шестиот интернет-турнир во забрзан шах (15 минути плус 10 секунди по секој потег по играч) „Крипто-куп“, а прв во биткоин-шах вреден рекордни 220.000 евра, од вкупната серија на 10 турнири, која треба да заврши во септември годинава.
Во возбудлив и докрај неизвесен меч, тој го победи Американецот Весли Со, со вкупни 6-5 (2-2, 2-2, 1-1, 1-0), откако по двата натпреварувачки дена резултатот беше нерешен, а така беше и во т.н. тајбрејк од по две партии (пет минути по играч), но Карлсен мораше да ја добие втората партија. Потоа сѐ се решаваше во последната т.н. армагедон-партија (белиот има пет, а црниот четири минути за размислување, но црниот и со реми е победник), која Карлсен ја доби и ја освои наградата од 60.000 долари и освои нови 80 поени, со што ја зголеми предноста на табелата.
– Беше многу тешко. Се вратив во игра пет пати кога ми требаше, а исто така изгубив двапати. Апсолутно луд меч. Многу сум среќен што победив – изјави Карлсен по победата, која ја прослави како да постигнал гол на фудбалски меч.
Со го призна поразот.
– Би сакал да му се заблагодарам на Магнус, мислам дека тој целосно заслужи да победи оти играше најдобро – рече Со.
Карлсен му се реваншира на Со за двата пораза во финалните дуели од серијата. Во дуелот за третото место на турнирот, на кој настапија 16 врвни шахисти, претендентот за светската круна во класичен шах, Русинот Јан Непомнијашчи го победи со 2,5-1,5 Азербејџанецот Тимур Раџабов. Седмиот турнир се игра од 26 јуни до 4 јули.