Светскиот првак неодамна го освои седмиот трофеј, на комбинираниот турнир во Ставангер. Тој е во серија победи во класичен шах оти нема пораз 323 дена и на 67 партии во низа
Актуелниот светски шаховски првак, норвешкиот велемајстор (ВМ) Магнус Карлсен, целосно доминира годинава таму каде што настапил. Шаховскиот гениј на седмиот турнир во 2019 година оствари седми триумф. По победите на турнирите во Вајк ан Зе, Шамкир, Гренке, Абиџан, Линдорес и Светското првенство (СП) во брз шах, тој неодамна супериорно славеше и на свој терен во Норвешка, на турнирот во Ставангер, со што ја освои и наградата од 75.000 евра.
Овој турнир беше специфичен оти беше комбинација на класичен и брзопотезен шах (10 минути за белиот, а седум за црниот). Победата во класичен шах носеше два поена, а пораз нула. Ако партијата беше реми, се играше со забрзано темпо, во кое победникот добиваше вкупно 1,5 поен, а поразениот половина поен.
Во конкуренција на 10 врвни играчи вкупно победи Карлсен со 13,5 поени, пред Кинезот Јангуи Ју со 10,5, колку што имаше и третопласираниот Левон Аронијан од Ерменија. Во партиите со забрзано темпо, најмногу оствари Французинот Максим Вашер-Легрев со 7,5 поени, пред Аронијан и Карлсен со по шест поени. Единствениот пораз со забрзано темпо Карлсен го доживеа од Американецот Фабијано Каруана, и тоа во последното коло на турнирот.
Занимлив е и фактот што Карлсен не изгубил партија во класичен шах вкупно 323 дена. Ако Норвежанецот не загуби уште 33 партии, ќе го стигне Кинезот Лирен Динг со 100 партии без пораз, рекорд што беше прекинат во ноември лани. Но покрај обидот да го задржи темпото во класичниот шах, Карлсен сигурно ќе се обиде да се врати на врвот на рејтинг-листата и во брз шах, каде што моментно води Вашер-Леграв, откако Французинот го победи Карлсен во три последователни партии со брзо темпо.
Пласман на турнирот во Ставангер: Карлсен 13,5, Ју 10,5, Аронијан 10,5, Каруана 10, Со 10, Динг 8,5, Вашер-Леграв 8, Ананд 8, Мамаѓаров 5,5, Гришчук 5,5 поени.