За Карлсен ова е трета, а за Конеру прва титула откога СП се игра по овој систем (од 2012 година)
Норвежанецот Магнус Карлсен и Индијката Хампи Конеру се новите светски прваци во забрзан шах (секој играч има по 15 минути време за размислување, плус 10 секунди по секој потег) во машка и во женска конкуренција на СП, кое во три дена се одржа во Москва.
По 15 кола, Карлсен (2.886 рејтинг-поени, рангиран прв), во конкуренција на 207 шахисти (158 велемајстори) од 45 држави, освои импресивни 11,5 поени (осум победи и седум ремија), со што го повтори успехот од 2014 и од 2015 година.
– За мене работата е половина завршена. Сакам да победам и на Светското првенство во брз шах (се играше вчера и денес во Москва, а Карлсен ја бранеше титулата – н.з.), така што немам многу време да уживам во постигнатиот успех – вели Карлсен.
Кај дамите светската круна првпат ја освои 32-годишната Конеру (2.438, рангирана на 13-та позиција), која во дополнителниот тајбрејк ја совлада младата Кинезинка Тингје Леи (2.498, рангирана на петтата позиција), откако во регуларните 12 кола и двете имаа по девет поени. Играа 117 шахистки (18 ВМ, 27 ЖВМ) од 26 држави, а шампионката од последните две СП, Кинезинката Венјун Ју не настапи.