Македонските каратисти освоија вкупно 13 медали на меѓународниот карате-турнир „Трофеј Македонија“, кој викендов се одржа во малата сала на СЦ „Борис Трајковски“ Скопје, во конкуренција на 101 натпреварувач од Турција, Албанија, Бугарија и од Косово.
На турнирот, кој претставуваше убава можност за уште една проверка на македонските каратисти пред претстојните големи натпреварувања што ги очекуваат во 2020 година, со златен медал се закитија Пуликсенија Јованоска во кати и Ангела Мојсовска (до 68 кг) во борби. Сребро освоија Сара Радичевска (до 50 кг), Абдурахим Идризи (до 60 кг), Ненад Келебиќ (до 67 кг) и Глигор Петков (до 84 кг).
Со бронзи, пак, натпреварите на татамите ги завршија најдобриот македонски каратист Емил Павлов (до 60 кг), Јована Георгиева (до 55 кг), Моника Стефановска (до 68 кг), Роберто Ацковски (до 67 кг), Петар Заборски (до 75 кг), Петар Спасеновски (до 84 кг) и Жарко Арсовски (над 84 кг).