Железниот Мајк реши да се бори против Рој Џонс во септември со што продолжува по стапките на Сони Листон
Никој не ја познава историјата на боксот како Мајк Тајсон (54). Тој постигна многу за време на 20-те години поминати како најзастрашувачкиот боксер во тешка категорија на светот. Но постојат многу нешта што не ги знае, а последиците од неговиот непромислен камбек претставуваат една од нив, пишува „Гардијан“.
Тајсон нема борба откако скромниот ирски борец Кевин Мекбрајд го натера да се предаде по шест рунди во рингот во Вашингтон, во јуни 2005 година. Како и многумина други шампиони, тој се откажа предоцна. Пет години пред борбата против Мекбрајд, Тајсон во Глазгов го нокаутираше Лу Саварезе за 38 секунди. Тоа беше негова 22-ра победа остварена во првата рунда.
– Јас сум најдобриот на сите времиња. Јас сум најбруталниот и најзлобниот, најбезмилосниот шампион кој некогаш постоел. Не постои никој што може да ме запре. Дали Ленокс Луис е освојувач? Не! Јас сум Александар (се однесува на Александар Македонски – н.з.), тој не е Александар. Јас сум најдобриот. Никој не бил толку безмилосен. Јас сум Сони Листон. Јас сум Џек Демпси. Немало никој како мене. Јас сум од нивниот сој. Никој не може да ми парира. Мојот стил е жесток, мојата одбрана е непробојна и јас сум бестрашен – кажа тогаш Тајсон.
Железниот Мајк сега е потивок. Деновите на тероризирање на спортот како и на секој бар од Лос Анџелес до Њујорк, сега се спомени, добри и лоши. Тој физички можеби делува како пензиониран спортист, но сега е средновечен човек со брада.
Сепак, на 12 септември во Карсон, Калифорнија, Тајсон ќе боксува со Рој Џонс, уште една сенка од некогашен шампион, во егзибиција од осум рунди. Тешко е да се каже кој ќе страдаше повеќе доколку стануваше збор вистинска борба. Но како што стојат работите, двајцата ќе загубат.
Џонс кој е на 51-годишна возраст, последен пат се бореше во 2018 година. Но Тајсон го привлекува вниманието. Тоа беше случај дури и кога беше на дното. Пред седум години, на работ на очајот, тој призна дека е „ноторен алкохоличар“ без иднина, само со лошо минато.
– Никогаш нема да бидам среќен. Верувам дека ќе умрам осамен. Отсекогаш сум бил самотник, со моите тајни и мојата болка – кажа Тајсон.
Ова е слична судбина како онаа на Листон, боксерот со кој Тајсон се поистоветува. На 5 јануари 1971 година, кога Мајк Тајсон уште беше дете, живеејќи во студениот влажен стан во Њујорк, Листон беше пронајден мртов во негова куќа, во еден од посиромашните делови на Лас Вегас. Целиот живот на Листон беше мистерија. Тој и самиот не беше сигурен кога беше роден. А патологот не можеше да утврди ниту кога точно починал.
Тајсон имаше повеќе прилики, но и неговиот живот претставува борба. По сопственото признание на некогашниот шампион, неговиот живот претставува збрка – преку стекнувањето големо богатство, банкротот, трите брака, седумте деца и затворската казна од седум години поради силување… Но животот му се подобри откако престана со боксување, иако не беше лесно.
Пред да одгризе дел од увото на Ивандер Холифилд во 1997 година, само неколкумина негови противници издржаа до втората рунда. Меѓу најпознатите е Бастер Даглас кој успеа да го нокаутира Тајсон во Јапонија, седум години претходно. Но аурата на Тајсон почна да исчезнува, а Железниот Мајк набргу стана лесна цел за секој ривал со амбиции и „цврста брада“.
Листон кажа многу мудри мисли, меѓу кои најпознатата е „откако дојдов на овој свет, јас се борам да останам жив и да живеам нормален живот. Никогаш не успеав да го постигнам тоа“.
Тажно за приказната на Мајк Тајсон е што тој го познава своето минато. Никој не знае што се случило со Сони. Иако Тајсон ја искуси нормалноста, иако преживеа многу кошмари, тој повторно е вовлечен во опасноста на вештината во која нормалноста не е ниту во втор план, заклучува „Гардијан“.