Полскиот фрлач на кладиво во Доха четврти пат едноподруго ги фрли во сенка ривалите и се израмни со четири злата од СП во низа со легендите Ридел, Гебреселасие, Болт…, а со шест титули на оваа необична листа води славниот Бубка
Зоран Михајлов, специјално од Доха за „Нова Македонија“
Влегувањето во вториот дел од Светското првенство во атлетика во Доха беше обележено со четвртата победа едноподруго на полскиот фрлач на кладиво Павел Фајдек. Корпулентниот Фајдек уште еднаш покажа дека е атлетичар за големи натпревари. Иако тука дојде со втор резултат сезонава, речиси еден метар послаб од неговиот сонародник Војчех Новицки, успеа да фрли најдалеку – 88,50 метри.
Така, по победите во Москва, Пекинг и во Лондон, сега и во Доха не им дозволи на ривалите да го надминат. Со оваа победа Фајдек практично стана еден од ретките што во низа ги освојува титулите во една од техничките дисциплини. Досега таков беше случајот со легендарниот Украинец Сергеј Бубка, кој во скок со стап победуваше едноподруго на првите шест светски првенства и со Германецот Ларс Ридел, кој, исто како и Фајдек, четири пати триумфира во фрлање диск.
И во спринтот имаше атлетичари што неколкупати едноподруго триумфираа. Таков е случајот со американските спринтерски легенди Карл Луис и Морис Грин, кои имаа по три победи во низа на 100 метри. На долгите патеки славниот Хаиле Гебреселасие од Етиопија четири пати едноподруго победуваше на 10.000 метри. Ова беше мало потсетување на најголемите шампиони меѓу кои е можеби и најголемиот Јусеин Болт, кого дисквалификацијата во Даегу го спречи и тој трипати едноподруго да победи на СП на најкратката патека, но затоа му успеа четири пати да биде прв на 200 метри.
Во фрлање кладиво имаше и една невообичаена случка. Полјаците се жалеа на првото фрлање на Унгарецот Бенце Халаш, кој со резултат од 78,18 метри беше трет. Тие сметаа дека фрлањето било неправилно зашто наводно Халаш излегол од кругот. Жири-комисијата, не можејќи веројатно да утврди дали е ова точно, не го поништи неговиот резултат, туку да нема лутење (!) му додели бронзен медал и на четвртопласираниот, Полјакот Војчех Новицки, кој имаше речиси половина метар послаб резултат од Халаш. Така заврши оваа спорна ситуација во која во сенка падна второто место на Французинот Кентин Биго, кој за драмата да биде уште поголема имаше само за еден сантиметар подобар резултат од Халаш, 78,19 метри.
Како и да е, откако на крајот сѐ се расчисти и ги добивме носителите на медалите, остана отворено само прашањето кога ќе падне светскиот рекорд на Јури Седих од поранешниот СССР од 86,74 метри, кој е еден од најстарите во техничките дисциплини, а е постигнат на Европското првенство во Штутгарт во 1986 година. Никој од сегашниве момци не може да го детронизира Седих, дури и стручњаците не можат да откријат во што беше тајната кај него, дали силата или техниката.
Во машка конкуренција во шестиот ден од СП имаше уште една финална дисциплина, на 110 метри со пречки. Тука, според очекувањата, првото место го освои водечкиот на годинашнава ранг-листа Американецот Грант Холовеј со резултат од 13,10 секунди. Холовеј е единствениот што сезонава истрча 110 метри со пречки побрзо од 13 секунди. Искусниот Сергеј Шубенков од Русија во добро познатиот стил во последните дваесетина метри со извонредниот финиш дојде до втората позиција. Неговиот резултат беше 13,15 секунди, а трет беше Паскал Лагард од Франција со 13,18 секунди.
Британката Дина Ашер-Смит беше победничка во единственото финале на програмата во женска конкуренција. Таа во трката на 200 метри, во отсуство на првите три од годинашнава ранг-листа, без проблеми го освои првото место со време од 21,88 секунда.