Легендарниот Том Брејди (43) по петти пат во кариерата беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на Супербоул мечот од НФЛ-лигата во американски фудбал, во кој ја преводеше Тампа Беј до победа над Канзас Сити од 31-9 на домашен терен. Искусниот квотербек го освои седмиот шампионски прстен во 10 одиграни финалиња во НФЛ-лигата (претходните шест беа со Њу Ингланд). Брејди оствари додавања за 201 освоен јард и три тачдауна против Канзас сити.
Играчите кои се прогласени за МВП честопати ја кажуваат фразата „Одам во светот на Дизни“ или „одам во Дизниленд“. Брејди ноќеска ја продолжи таквата традиција која потекнува од 1987 година.
Фразата претставува одговор кој поранешниот претседател на компанијата „Волт Дизни“, Мајк Ајзнер го добил своевремено од славното пилотско дуо Дик Рутан и Џина Јигер, кога ги прашал какви се нивните планови кога веќе ги оствариле амбициите што ги имале. Рутан без двоумење, тогаш му порачал на Ајзнер „јас одам во Дизниленд“.
Сопругата на Ајзнер му сугерирала дека фразата би можела да биде одличен промотивен слоган. А одделот за маркетинг на компанијата почнал со работа на кампањата за соработка со МВП-играчот на 21-от Супербоул. Тоа бил Фил Симс од Њујорк џајантс кој во 1987 година прв извикал пред камерата „Јас одам во Дизниленд“ за време на прославата на победата.
МВП-играчот сега добива покана за „Дизниленд“ како дел од комерцијална промоција. Тој нема обврска да го посети забавниот парк, но повеќе одлучуваат да го сторат тоа, а учестуваат и на парада. За возврат, вообичаено добиваат до 70 илјади долари, како и одредена телевизиска промоција.