Интересот за продолжување на тренинзите е огромен, има и многу нови членови што сакаат да тренираат џудо, за што клубовите работат во повеќе термини за да ги испочитуваат препорачаните протоколи, оти здравјето на спортистите е во прв план, вели стручниот соработник на ЏФМ, Горан Мицкоски

Пандемијата на ковид-19 беше главната причина што запре налетот на мноштвото спортски натпревари што беа планирани да се одржат лани, како и во почетокот на годинава. Во такви услови не беа имуни ни боречките спортови, па многу предвидени турнири на татамите во светот не се одржаа.
– Во 2020 година поголем број од натпреварите беа одложени, а некои и воопшто не беа одржани. Беа одложени европските и светските купови, балкански првенства, поголем дел од гранслемите и гранпри-натпреварите и, секако, Олимписките игри во Токио. Кај нас беа одложени дел од државните натпревари и сите меѓународни турнири што се во организација на клубовите. Лани, пак, се одржаа сите ЕП, за кадети, јуниори, сениори и за млади до 23 години, дел од гран при и гранслем-натпреварите. Во почетокот на годинава Комисијата за заразни болести ги одобри препорачаните протоколи за продолжување на џудото под безбедни услови за време на ковид-19 и клубовите почнаа да работат и редовно да одржуваат тренинзи. Државните првенства кај нас ќе се одржат во согласност со актуелната состојбата – вели стручниот соработник на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Горан Мицкоски.
И во услови на ковид-19, интересот за џудото во Македонија не стивнува, напротив, привлекува многу нови членови.

– Интересот за продолжување на тренинзите е огромен, има и многу нови членови што сакаат да тренираат џудо, за што клубовите работат во повеќе термини за да ги испочитуваат препорачаните протоколи, оти здравјето на спортистите е во прв план – вели Мицкоски.
Џудото привлекува голем интерес, а сè повеќе млади го засакуваат токму овој спорт.
– Тренингот по џудо опфаќа обука, напад и одбрана, ги облагородува вашите тела и души и ви помага да го вклучите духовниот дел на џудото во себе, како дел од вашето битие. На овој начин сте во можност да го подобрите и да го дадете својот придонес кон светот. Тоа е крајната цел на џудото, рекол јапонскиот професор Џигоро Кано, кој во 1882 година го измислил џудото, во кое се користат разни техники на воини, но без да се повреди противникот. Во превод од јапонски, џудото значи пат на елеганцијата и претставува вештина во која противникот е поразен со користење на неговата сила и големина. Во 1964 година, оваа благородна вештина била вклучена меѓу олимписките спортови, а токму на Олимписките игри во Токио ја доживеала својата премиера. Женската џудо-популација првпат се појавила на ЛОИ во Барселона во 1992 година.

Постојат седум категории во машка и во женска конкуренција, во зависност од телесната тежина на натпреварувачите. Секое фрлање на противникот на татамите се вреднува со поени, во зависност од тоа на кој дел од телото паднал и така натпреварувачите доаѓаат до победа. Фрлањето на противникот на грб се нарекува ипон и му носи на натпреварувачот 10 поени и директна победа. Џудото е физички напорен, но и еден од најбезбедните спортови. Можеби на лаиците не им изгледа така, но џудото е многу елегантен спорт. Ако сè уште не сте одбрале спорт за вашето дете, џудото може да биде вистинскиот избор, оти тоа ќе има правилен физички, емоционален и интелектуален развој и добра основа за нормален и здрав живот. А она што професорот Кано го кажувал, може да се искористи како животно мото: „Одете по еден пат. Не бидете возвишени со победа или скршени со пораз. Не заборавајте да бидете внимателни кога сè е тивко и не плашете се кога сте во опасност“ – велат од ЏФМ.


Македонија има 21 џудо-клуб

Натпреварите во џудо се организираат во сите возрасни категории. Логото на овој спорт е „нескротлив дух“. Во историјата на овој спорт, само 12 лица се носители на главниот и најголем појас (црвен), а тоа е 10-ти дан/степен.
– Во Македонија има регистрирани 21 џудо-клуб, во кои активно тренираат спортисти од осум возрасни категории во машка и во женска конкуренција (деца, помлади пионери, пионери, кадети, јуниори, млади до 23 години, сениори и ветерани). Има околу 500-600 активни натпреварувачи. Во Интернационалната џудо-унија членуваат вкупно 204 земји од пет континенти – вели стручниот соработник на ЏФМ, Горан Мицкоски.