Првенствата ги отвори претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, а натпреварувањата се одржаа без публика и според сите здравствени протоколи за спречување на ширењето на ковид-19
ЏУДО – ПРВЕНСТВА НА МАКЕДОНИЈА
Во одлична организација на џудо-клубот Сеишин и Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), во салата „Ристе Ристески-Ричко“, во Прилеп, во два викенда се одржаа Сениорското првенство на Македонија во машка и во женска конкуренција, потоа за помлади пионери и кадети, како и за јуниори и за ветерани. Првенствата ги отвори претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, а натпреварувањата се одржаа без публика и според сите здравствени протоколи за спречување на ширењето на ковид-19.
По многу возбудливи борби на татамите, најмногу поединечни први места во сениорска конкуренција, каде што настапија 10 клуба со вкупно 70 џудисти и 23 џудистки, освои клубот Ипон (6) од Скопје, пред Миоки (3) од Скопје и Сеишин (2) од Прилеп.
Сениорски прваци на Македонија во машка конкуренција станаа: Марко Тодорчески (Сеишин) во категоријата до 60 кг, Резард Хусени (Ипон) до 66 кг, Хамза Јашари (Миоки) до 73 кг, Еди Шерифовски (Ипон) до 81 кг, Артан Рушити (Ипон) до 90 кг, Андреј Чакаровски (Дрим) до 100 кг и Бобан Данов (Работнички) над 100 кг.
Во женска конкуренција шампионки се: Теодора Димеска (Сеишин) во категоријата до 45 кг, Абреша Реџепи (Ипон) до 52 кг, Берна Шерифовска (Ипон) до 57 кг, Џенифер Реино (Миоки) до 63 кг, Румејса Фејзула (Ипон) до 70 кг, Благица Гоцевска (СНС) до 78 кг и Борјана Поп Атанасова (Миоки) над 78 кг.