Шахот има огромна популарност во играњето преку интернет годинава, оти поради пандемијата на коронавирусот настаните од салите се преселија онлајн. „Чес“, најголемата светска интернет-страница за онлајн шах, соопшти дека има 12 милиони нови корисници годинава, наспроти 6,5 милиони лани. Стапката на измами скокнала од 5.000-6.000 блокирани шахисти секој месец минатата година, на речиси 17.000 во август, пишува „Гардијан“
На еден шаховски турнир, пет од најдобрите шест биле дисквалификувани поради измама. На друг турнир, пак, родителите на 10-годишни натпреварувачи бесно ги отфрлиле доказите дека нивните деца играат на ниво на најдобрите во светот. На трет турнир, еден велемајстор (ВМ) е дисквалификуван. Овие инциденти може да звучат екстремно, но не се изолирани и сите тие се случиле при играњето шах преку интернет од почетокот на пандемијата на ковид-19, пишува британскиот дневен весник „Гардијан“, на својата интернет-страница.
Шахот има огромна популарност во играњето преку интернет годинава, оти поради пандемијата на коронавирусот настаните од шаховските сали се преселија на интернет и луѓето заглавени дома бараа нови хобија. Но со тоа се појави и нов проблем, а тоа е порастот на употребата на моќни шаховски компјутери, нешто што потсетува на скандали во некои други спортови. Еден водечки „шаховски детектив“ рекол дека пандемијата „без сомнение создава криза“.
– Пандемијата ми донесе работа за еден ден колку што имав за една година претходно – вели професорот Кенет Реган, шаховски мајстор и компјутерски научник, на чиј модел се потпира и раководното тело на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), за да открие сомнителни обрасци на игра.
Генералниот директор на ФИДЕ, Емил Сутовски, го опиша ова како „огромна тема на која работам десетици часови секоја недела“, а нејзиниот претседател Аркадиј Дворкович смета дека „компјутерскиот допинг е вистинска чума“.
Во срцето на проблемот се програмите или апликациите што можат брзо да пресметаат речиси совршени потези во секоја позиција. За да им се спротивстават на овие намери, играчите на повеќе врвни турнири мора да се согласат да бидат снимани од повеќе камери, во секое време да се достапни на програми за видеокомуникација и да овозможат далечински пристап до нивните компјутери. Можеби нема да им биде дозволено и да ги напуштат своите екрани, дури и за паузите за тоалет.
Сутовски, исто така, посочи дека програмите за следење на очите може да бидат начин да се крене „црвено знаме“ ако некој играч со сомнителна фреквенција често гледа на страна. „Чес“, најголемата светска интернет-страница за онлајн-игра, соопшти дека има 12 милиони нови корисници годинава, наспроти 6,5 милиони лани. Стапката на измами скокнала од 5.000-6.000 блокирани шахисти секој месец минатата година, на високи речиси 17.000 во август. Растот на мамењето создаде нова атмосфера на сомневање и обвинување. „Паранојата стана култура“, вели Ле-Марехал, шефот на тимот за ферплеј на „Чес“, кого еден пријател го прогласи за „детектив за компјутерскиот шах“ кога ја доби работата.
Без значителна промена во културата, измамниците најверојатно нема да играат правилно. Реган е реален, но решителен.
– Ако измамите на еден потег, ќе се одречам од каква било можност да ве фатам. Можете да летате под радарот. Но ако продолжите со истата брзина, на крајот ќе дојдете во радарот – вели Реган.
Македонскиот интернационалниот мајстор (ИМ) и репрезентативец, Филип Панчевски, смета дека мамењето преку интернет не може да се спречи.
– Најголема гаранција е сопствената репутација. Според мене, мамењето преку интернет не може да се спречи – вели Панчевски.