Поранешниот светски првак во шах, Индиецот Вишванатан Ананд (2.753 рејтинг-поени) и уште пет негови сонародници, врвни велемајстори (ВМ), одиграа хуманитарни симултанки преку интернет, а собраните пари, вкупно 6.028 долари, се наменети за борбата против коронавирусот во Индија.
За да учествуваат во симултанката, играчите мораа да имаат брзопотезен или стандарден рејтинг помал од 2.000 поени. Беа одиграни 115 партии, со временска контрола од 45 минути и додаток од 45 секунди. Покрај Ананд, играа и Пентала Харикришна (рејтинг 2.719), Башкаран Аџибан (2.659), Гујрати Видит (2.726), Химпи Конеру (2.586) и Харика Дроновали (2.515). Најдобар резултат оствари Аџибан, со 18 поени од 18 партии, Ананд имаше 19,5 од 21 (три ремија), Харикришна 18,5 од 20, Видит 17,5 од 19, Конеру 17 од 18, а Дроновали 15 од 19.
– Многу им благодарам на сите учесници во симултанката и се надевам дека сите уживаа. Секако, собиравме пари, но ова требаше да биде и забавен ден, каде што многумина добија можност да играат со силни велемајстори – изјави Ананд, кој беше и иницијатор на оваа акција.