Европската златна лига во одбојка, пак, во која требаше да дебитира Македонија, како и другите натпреварувања, е одложена на неопределено време

НОВИ ОДЛОЖУВАЊА ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТ

Нема крај на одложувањата на големите спортски натпреварувања. Последни во низата одложувања што ја засегаат Македонија се традиционалниот 52. Илинденски кајак-слалом (ИКАС), Европската „златна“ лига во одбојка и Скопскиот маратон.
Европската кајак-асоцијација (ЕКА) ги суспендира сите натпревари до крајот на мај, што значи дека нема да се одржи и традиционалниот 52. Илинденски кајак-слалом (ИКАС) на реката Треска кај Матка, закажан за 4 и 5 април.

– Виша сила, во вакви услови е невозможно да се одржи трката. Мораме да се приспособуваме на новонастанатите услови и затоа веќе испративме допис до ЕКА со барање за нов термин, 18 и 19 септември. Тоа, начелно, беше прифатено, а деновиве очекуваме и официјална потврда за новиот датум на одржувањето на ИКАС – ни изјави претседателот на Кајакарската федерација на Македонија (КФМ), Коста Ефтимов.
Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) ги одложи сите натпревари на клупско и на репрезентативно ниво, на „неопределено“ време.

Тоа значи дека е крајно неизвесно одигрувањето на натпреварите во Европската златна лига закажани од 23 мај до 14 јуни, како и нивно презакажување за друг термин поради згуснатиот календар. Македонија, која требаше да дебитира во оваа конкуренција, беше во групата Ц, заедно со Турција, Чешка и со Португалија.
Засега нема промени за квалификациските натпревари за Европското првенство (ЕП) во 2021 година, кои треба да се одиграат во периодот од 15 август до 5 септември годинава. Македонија е во групата Ц, со Турција, БиХ и со Данска.
Во петокот беше потврдено дека се одложува и традиционалниот, 16. Скопски маратон, од 10 мај за 4 октомври.