Излезе од печат шаховската книга „Дописниот шах во Македонија“, од авторот Љубомир Хаџи-Манев, истакнат македонски ФИДЕ-мајстор (ФМ), објавена од издавачката куќа „Бата прес милениум“. Во книгата е опфатен период од околу 50 години, до 1990 година. Во неа се претставени сите позначајни македонски дописни играчи од тоа време, со соодветен прилог од нивните шаховски остварувања.
– Она што е најзначајно е што во периодот од 1975 до 1990 година, кога и јас сум активен на ова дописно поле, репрезентацијата на Македонија ги постигнува најголемите успеси во состав на тогашната држава. На осумте екипни турнири на републиките и покраините (1973-1989), македонската шаховска репрезентација беше најуспешна на тоа најзначајно екипно натпреварување во тогашната држава СФРЈ. Голем дел од книгата е посветен токму на овие убави резултати, со многу интересни партии од речиси сите најуспешни македонски шахисти, коментирани со сегашните моќни шаховски софтвери. Ова посебно треба да се истакне, бидејќи без оваа книга, нашата шаховска јавност, но и пошироката, ќе останеше осиромашена и неинформирана, а заборавот ќе го покриеше овој период на најголемиот успех на македонската шаховска дописна школа – вели Хаџи-Манев.
Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура, како проект од национален интерес од областа на литературата и издавачката дејност за 2021 година. Авторот и издавачот им се благодарни на повеќе поддржувачи, наведени во книгата, како и на рецензентите, интернационалниот шаховски мајстор (ИМ) Димитар Илиевски и ФМ Димитар Качаковски. Г.И.