Нашите очекувања се дека во квалификациите тој може да забележи време меѓу 3:45 и 3:46 минути, вели тренерот Јакимовски, пред настапот на ЕП.
Македонскиот рекорд на Ване Стојанов е 3:45,91 минути и е од 2001 година
На претстојното Европско првенство (ЕП) во атлетика во Берлин, Германија (од понеделник до 12 август), Македонија ќе ја претставуваат Дарио Ивановски и Дрита Ислами (400 метри со пречки).
Ивановски ќе настапи во трката на 1.500 метри, следната среда, напладне. Деновиве Ивановски со својот тренер Игор Јакимовски во Крушино, близу Кичево и во Охрид, ги одработува завршните тренинзи пред заминувањето за Берлин.
– Дарио е во завидна форма, одлично се чувствува и нашите очекувања се дека во квалификациската трка може да забележи време меѓу 3:45 и 3:46 минути, што може да биде и нов рекорд на Македонија (македонскиот рекорд на Ване Стојанов е 3:45,91 минути и е поставен во 2001 година – н.з.). Мислам дека Ивановски, кој на Медитеранските игри (МИ) во Тарагона во јуни годинава истрча 1.500 метри за 3:47,13 минути, има сили за такво нешто, но тоа ќе зависи и од некои други работи. Треба да се знае дека дисциплината 1.500 метри е доста тешка, специфична, тактичка трка во која постигнатото време многу зависи од составот на групата, односно од тоа дали се трча за да се обезбеди пласман за следната трка и да се заштедат силите или се трча на време. Опасноста е во тоа што атлетичарот може да биде „затворен или изолиран“ од групата и тоа да влијае врз постигнатото време. Ќе видиме како ќе излезе на крајот, уште не знаеме колкави ќе бидат групите и колку атлетичари ќе се пријават – вели Јакимовски.
Ивановски (21) посериозно се занимава со атлетика речиси четири години, а член е на атлетскиот клуб Работнички од Скопје. Тој е стипендист на Македонскиот олимписки комитет (МОК) за Летните олимписки игри во Токио во 2020 година, но, како што вели Јакимовски, засега избегнува да комуницира со медиумите, бидејќи не сака евентуално нешто да вети, а да може да го исполни.
– Дарио живее за атлетиката, сѐ ѝ има подредено на неа. Негова најголема желба е да биде првиот македонски атлетичар што со обезбедена олимписка норма ќе настапи на ЛОИ во Токио по две години. Затоа во наредниот период, по ЕП, акцентот ќе биде ставен на подготовките и на натпреварите на 1.500 метри. Тој е успешен и на другите, подолги делници, на три, пет и 10 км, па и на полумаратони, но тие трки ќе треба да му послужат за стекнување на потребната издржливост – вели Јакимовски, додавајќи оти идол на Ивановски му е Британецот Мо Фара, повеќекратниот олимписки и светски првак на пет и на 10 километри.