Златниот медал беше потврда на врвната форма во која моментално се наоѓа Дарио. Сезонава во сала ќе ја завршиме како што доликува, со настапот на ЕП во Полска за десетина дена, ни изјави тренерот на Ивановски, Игор Јакимовски

АТЛЕТИКА

Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски го освои златниот медал во трката на 3.000 метри, со време од 8:03,95 минути, на Балканијадата во Истанбул, Турција, информираат од Атлетската федерација на Македонија (АФМ). Ивановски трчал без никакви калкулации, од почетокот до крајот на трката, и забележал вреден резултат што е уште една потврда за неговата висока класа. За него ова беше четврти медал од Балканијадите во шестгодишната кариера.
– Златниот медал беше потврда на врвната форма во која моментално се наоѓа Дарио. Воопшто не се сомневав дека Дарио, кој беше една од ѕвездите на оваа Балканијада, ќе трча добро и оти ќе победи. Сите присутни во салата му аплаудираа и му честитаа за одличната и доминантна трка. Сезонава во сала ќе ја завршиме како што доликува, со настапот на Европското првенство во Торун, во Полска за десетина дена – ни изјави тренерот на Ивановски, Игор Јакимовски.
По Балканијадата нема одмор за Ивановски. Тој утре со тренерот Јакимовски заминува за Белград, на силниот меѓународен митинг во сала каде што в среда ќе настапи во трката на 1.500 метри. По ова Ивановски ќе остане во Белград на подготовки, сѐ до заминувањето на Европското првенство во Полска, што треба да се одржи од 5 до 7 март.