Поранешниот хрватски тенисер и сегашен тренер на Новак Ѓоковиќ, Горан Иванишевиќ, е позитивен на коронавирус. Тој беше во Белград и во Задар на турнејата „Адрија“ во организација на Ѓоковиќ.

Иванишевиќ беше тестиран двапати и двапати беше негативен за коронавирус, но резултатите од третиот тест велат дека сепак бил позитивен и тој за тоа информираше на социјалните мрежи.

– За жал, по двата негативни теста во последните 10 дена, само што ги дознав резултатите од денешниот трет тест и позитивен е на ковид-19. Се чувствувам добро и немам никакви симптоми. Сакам да ги известам сите коишто биле во контакт со мене за фактот дека сум ковид-позитивен и ги замолувам да ги преземат сите неопходни чекори за да се заштитат себеси и своите најблиски. Продолжувам со самоизолацијата што ја започнав порано. Посакувам на сите што се заразени брзо закрепнување – порача некогашниот втор тенисер во светот, Иванишевиќ, на Инстаграм.


Пленковиќ одбива да оди во самоизолација

Откако Горан Иванишевиќ објави дека е позитивен за коронавирус, целосно е срушена структурата на која хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ја изгради позицијата дека не мора да се изолира себеси. Шефот на владата тврдеше дека е негативен на тестот, но Иванишевиќ дури на третото тестирање откри дека има ковид-19, пишува хрватски „Индекс“.

Пленковиќ е тестиран три пати од појавувањето на ковид-19 – еднаш по турнирот во Задар. Иванишевиќ, како што објави, го стори тоа трипати во последните десет дена: првите двапати тој беше негативен.

Шефот на хрватската извршна власт беше во близок контакт со тенисерот Новак Ѓоковиќ, исто така заразен со ковид-19. Тие се допираа со тупаници, а Пленковиќ го допре по рамо.

Критериумите за испраќање во двонеделна самоизолација во Хрватска се многу строги. Доволно е да се врати некој од Босна и Херцеговина, Србија, Македонија или Косово и да му биде одредена двонеделен карантин. Пленковиќ сè уште го отфрла.

Тој се повикува на резултатите од тестот и на краткото време поминато во друштво на заболените. Но како што може да се види и од случајот на Иванишевиќ, тестот не мора веднаш да го открие присуството на вирусот во човечкото тело. Но, премиерот води предизборна кампања и двонеделно седење во затворен простор е последното нешто што му треба сега кога патува низ земјата и споделува ветувања. Дури и денес во Копривница беше јасно – тој нема да биде изолиран.