Казната за женската селекција на Норвешка на неодамнешното Европско првенство во ракомет на песок го наметна прашањето зошто мажите носат широки маици и шорцеви до колена, а жените не смеат?
Норвежанките одбиле да носат долен дел бикини додека се натпреваруваат на Европското првенство, жалејќи се дека ќе се чувствуваат неудобно и решиле да носат шорцеви пред натпреварот со Шпанија.
– Заедно ќе продолжиме да се бориме за промена во прописите за облекување, со што жените ќе можат да се натпреваруваат во облека во која се чувствуваат пријатно – гласи соопштението на Норвешката ракометна федерација, чиј тим беше казнет со 1.500 евра.
Норвешка се обратила до Светската ракометарна федерација и барала дозвола жените да носат шорцеви. Нивната молба не само што е одбиена, туку и се казнети со 150 евра по играч затоа што „шорцевите не се во состав на регуларна спортска униформа според прописите за ракомет на песок“.
– Тоа воопшто не би смеело да биде прашање во 21 век – вели претседателот на Норвешката ракометна федерација, Ерик Сордал.
Реагираше и американската пејачка Пинк, понудувајќи се таа да ја плати казната.
Спортистките со години се жалат на оваа разлика во спортот и го нарекуваат сексизам од најлош вид.
– Проблемот е што на жените во 2021 година и понатаму им се кажува што смеат, а што не смеат да носат, затоа што женските тела се доживуваат како објект во кој мажот може да ужива и со тоа сите си земаат за право да коментираат и да одлучуваат место нив. Жените во спортот не се сфаќаат сериозно, кон нив се однесуваат како да се кукли пријатни за око, а не како кон професионални спортисти – вели правничката Това Ли.
Само еден ден пред да им биде изречена казната на ракометарките, на британската параолимпијката и двојна светска шампионка Оливија Брин ѝ беше речено да облече „попримерни“ шорцеви додека се натпреварува во Англиското првенство.
Брин својата спортска униформа ја опишува како „долен дел од бикини со висок струк“.
– Сакаме да ни биде полесно додека се натпреваруваме, не сакаме ништо да ни тежи и да ни биде удобно. Шорцевите ги носам девет години и никогаш не сум имала проблем. Треба да го носиме она што сакаме – вели таа.
Египетската репрезентативка Доа Елгобаши е првата олимписка одбојкарка на песок, која носи хиџаб. Тоа, исто така, предизвика бура реакции низ светските медиуми и социјални мрежи.
– Носам хиџаб десет години и тоа не ме спречува да ги правам работите најдобро што можам – рече Елгобаши.
Американската тениска ѕвезда Серена Вилијамс, откако ѝ заврши породилното отсуство, својата облека на „Ролан гарос“ во 2018 година ја посвети на сите мајки во светот што имале тешка бременост. После настапот ѝ било речено дека таква облека веќе нема да ѝ биде дозволена.
Германските гимнастичарки носеа едноделни костуми на женските квалификации на Олимписките игри во Токио, водејќи кампања против сексуализација во спортот.
Проблем се има јавено и со капите за пливање „соул кап“, наменети за оние со „афро-фризура“.
Светската организација за водени спортови не дозволуваше да се носат пливачките капи прилагодена за оние со „афро-фризура“, затоа што немале „природен облик на главата“.