Германскиот тенисер Александар Зверев по вторпат во кариерата го освои трофејот од завршниот мастерс-турнир, совладувајќи го вториот светски рекет Данил Медведев со 6-4, 6-4 по сетови во финалето во Торино.
Зверев го победи и водечкиот на АТП-листата Новак Ѓоковиќ во полуфиналето, станувајќи четвртиот тенисер во историјата кој ги победил двајцата водечки играчи во полуфиналето и во финалето.
Зверев ја заврши сезонава со 59 победи, најмногу на АТП-турнејата, а исто така ја прекина и негативната низа од пет порази против Медведев.
Германецот ја завршува 2021 со две мастерс-титули од серијата 1.000, во Мадрид и во Синсинати и со златниот медал од Летните олимписки игри во Токио, а ги освои и титулите во Акапулко и во Виена. За Медведев, утеха останува првата освоена гранслем-титула на САД опен.