АТЛЕТИКА

Организаторите на атлетската Дијамантска лига во Осло најдоа начин за одржување натпреварувања и за доближување до гледачите, со настан наречен „Невозможни игри“, пишува „Би-би-си“.
Натпреварувањето треба да се одржи на 11 јуни во Осло во истиот период во кој беше предвидено одржувањето на Дијамантската лига и истото тоа треба да биде пренесувано на телевизија. Сите натпреварувања ќе се одржат без присуство на публика на стадионот.

Организаторите истакнаа дека ќе бидат задоволени сите протоколи за обезбедување безбедни услови за атлетичарите пропишани од норвешките здравствени органи за да се спречи ширење на коронавирусот.
– Ова е навистина позитивна вест за спортистите и за гледачите, дури и во оваа рана фаза на организација, ова ветува нова одлична атлетска ноќ на стадионот Бислет – рече претседателот на Светската атлетика (СА), Британецот Себастијан Коу.
Двократниот светски шампион, Норвежанецот Карстен Вархолм, ќе се обиде да го собори светскиот рекорд на 400 метри со пречки.

Како круна на натпреварувањето се очекува да биде двобојот во скок со стап помеѓу актуелниот светски рекордер Швеѓанецот Мондо Дуплантис и повеќекратниот освојувач на Дијамантската лига Французинот Рено Лавилен.
Претходно беа откажани повеќе митинзи на Дијамантската лига. Следната закажана средба во атлетскиот календар, по митингот во Осло, треба да биде атлетскиот митинг во Лондон, на 4 јули.