Станува збор за церемониите, за бројот на посетителите, за евентуалните неопходни карантини, изјави потпретседателот на ИОК, Џон Коутс
Организаторите на одложените Летни олимписки игри (ЛОИ) за в година во Токио до крајот на годината ќе одлучат кои контрамерки се потребни за безбедно одржување на Игрите во време на пандемија на ковид-19, изјави потпретседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Австралиецот Џон Коутс.
Тој ја предводи Комисијата за координација на ИОК за Игрите во Токио, пренесува „Ројтерс“. Коутс им изјави на новинарите во Сиднеј дека организаторите ќе ги употребат „сите потребни ресурси“ за да се одржат Игрите во 2021 година.
– Нашата одлука во моментот е да продолжиме со подготовките. Она на што ќе почекаме е одлуката со кои контрамерки да продолжиме, во зависност од тоа во која фаза ќе биде ситуацијата со ковид-19. Станува збор за церемониите, за бројот на посетителите, за евентуалните неопходни карантини за секој што ќе пристигне во Јапонија, за сите тие работи. До крајот на годината ќе направиме процена за тоа кои контрамерки ќе треба да ги примениме – изјави Коутс на пригодната церемонија по повод 20-годишнината од отворањето на Игрите во Сиднеј во 2000 година.