Целта на Крамник е да најде шаховски варијанти, кои не само што ќе имаат потенцијал да ги вратат возбудувањата во шахот, туку тоа да биде естетски префинето и оригинално. За почеток тој со своите соработници ја задолжил компјутерската програма „Алфа зеро“ да истражува варијанти на различни потези од двете страни, како на пример игра без рокада
Милиони компјутерски шаховски партии и големиот обем на теоријата на отворање достапни за секој играч, го прават квалитетниот шах помалку имагинативен, а неговата креативност не се зголемува. Мечот за светски првак во 2018 година помеѓу Магнус Карлсен и Фабиано Каруана заврши нерешено во партиите во класичен шах, а Карлсен ја одбрани титула во тајбрејк, со партии со забрзано темпо на игра. За да се развива шахот е потребен нов предизвик.
– Ова не е вина на шахистите, туку реалноста со која тие се соочуваат. Би било чудно да очекувам од нив намерно да ги намалат шансите за позитивен исход со преземање неразумни ризици заради играње позабавни партии. Од лично искуство знам колку е тешко партијата да биде комплексна и интересна, ако вашиот противник не сака да ризикува. Се разбира, сѐ уште може да видиме фасцинантни партии, но за да го одржиме шахот жив, верувам дека мора да го промениме сегашниот тренд пред да исчезне духот на шаховската игра. Затоа, размислувам, ако исходот е секогаш ист, можеби можеме нешто да сториме за шаховската игра да ја заживееме повеќе – вели поранешниот светски првак Владимир Крамник.
Работејќи со неколку соработници, Крамник ја искористил компјутерската шаховска програма „Алфа зеро“, со крајната цел да најде приспособување кон одредени правила, кои, пак, ќе овозможат поголем простор за човековата креативност. Познато е дека една од најзастапените варијанти е т.н. Фишеров шах, познат и под името шах 960.
– Тој е интересен формат, но има и свои недостатоци. Особено нетрадиционалните почетни позиции, кои на многу аматери им отежнуваат да уживаат во играта, сѐ додека не се постигнат попознати позиции. Истото важи и за играчите од светска класа, а многумина од нив тоа и ми го признаа лично. А сметам дека нема и естетски квалитет, кој, пак, е присутен во традиционалниот шах иако повремено резултира и со возбудливи партии – вели Крамник.
Целта на Крамник е да најде шаховски варијанти, кои не само што ќе имаат потенцијал да ги вратат возбудувањата во шахот, туку тоа да биде естетски префинето и оригинално. За почеток тој со своите соработници го задолжил „Алфа зеро“ да истражува варијанти на различни потези од двете страни. Резултатот бил и повеќе од неговите очекувања.
– Му дозволивме на „Aлфа зеро“ да научи шах од нула. По еден милион одиграни партии „Алфа зеро“ стана експерт, овозможувајќи ни да анализираме како игра тој и со тоа да го процениме целокупниот баланс на таа игра. Процентите за победа и пораз и за белите и за црните фигури се слични како и во класичниот шах, без фаворизирање одреден играч. Неможноста да се прави рокада, како една од варијантите, значи дека сите други фигури треба да се вклучат во негова одбрана, правејќи ја играта подинамична со голем број оригинални идеи, а шахистите се принудени да размислуваат креативно од самиот почеток. Вака и аматерските играчи имаат подобра шанса да играат против посилни противници, кои многу повеќе ја паметат теоријата на отворање – нагласува Крамник.
Според Крамник, турнирот, користејќи ја оваа варијанта, дефинитивно ќе забележи повеќе креативни и неочекувани идеи.
– Сѐ уште има многу детали што треба да се испитаат. На пример, треба да се развие нова теорија на отворање, а и играчите ќе треба да истражуваат нови пристапи кон безбедноста на сопствениот крал. Затоа препорачувам организаторите на претстојните турнири и љубителите на шахот низ светот да ја пробаат оваа варијанта – вели Крамник.