Атлетичарот познат како чешка локомотива, на Летните олимписки игри во 1952 година освои златни медали во трките на пет и на 10 километри, а потоа и во маратон. Токму со тој златен медал во неговата прва маратонска трка во кариерата, Затопек влезе во историјата на олимпизмот, затоа што ниту еден атлетичар дотогаш, а ни досега, не освоил олимписки титули во трките на 5.000 и на 10.000 метри и во маратон на едни олимписки игри

ОЛИМПИСКИ ПРИКАЗНИ (7)

Меѓу многуте олимписки шампиони се издвојуваат тие со повеќе трофеи, меѓу нив и тие со повеќе златни медали, а меѓу нив некои со необични достигнувања. Еден од нив е Чехот Емил Затопек (1922-2000) од некогашна Чехословачка, кој освои три први места во атлетика, на 15-те Летни олимписки игри (ЛОИ), одржани во 1952 година, во Хелсинки (Финска).
Во тоа време тој бил познат како одличен тркач на долги патеки, а првите олимписки медали ги освои на Игрите во Лондон (Велика Британија) одржани во 1948 година (освои сребро на 5.000 и злато на двојно подолгата трка).
Потоа, четири години подоцна на ЛОИ во Хелсинки грабна две злата, со два олимписки рекорда, во трките на пет и на 10 километри. Но вистинското изненадување стигна неколку дена подоцна. Откако во главниот град на Финска ја освои двојната круна, Затопек во последен момент решил да настапи и во маратонот, најдолгата атлетска трка (42,195 километри). И тоа не во кој било маратон, туку во првиот маратон за него во кариерата. Згора, и во таа трка славел со нов олимписки рекорд.

Токму со тој златен медал, Затопек влезе во историјата на олимпизмот, затоа што ниту еден атлетичар дотогаш, а ни досега, не освоил олимписки титули во трките на 5.000 и на 10.000 метри и во маратон, на едни олимписки игри.
Од маратонот е и една анегдота, според која Затопек во текот на трката трчал заедно со светскиот рекордер Џим Питерс и на половина од патеката го прашал: „Дали ова темпо е пребрзо?“. „Не. Не е доволно брзо“, одговорил Питерс, но Англичанецот подоцна изјавил дека тој бил совршено задоволен од темпото и дека „реков дека е премногу бавно само за да го зафркавам“. Но Затопек почнал да трча побрзо, наскоро Питерс веќе не можел да го види пред себе, по што Затопек победил со голема разлика, со повеќе од две минути пред второпласираниот (Питерс не ја завршил трката поради грчеви во мускулите).
Затопек, кој бил познат и како чешка локомотива, не бил само атлетичар, тој бил и спортски револуционер во својата област, измислувајќи и посебни техники за тренинг.

А сѐ почнало во градот Злин во Чешка, каде што работел во фабриката „Бата“, кога еден ден спортскиот тренер во фабриката го одбрал него и уште неколкумина други за настап во една традиционална атлетска трка во тој град. Во дебитантската трка Затопек бил втор, но тоа му дало потстрек да почне со тренинзи во локалниот клуб, но и да работи и според свои методи.
– Трчањето е лесно разбирливо – мора да бидете доволно брзи и мора да имате доволно издржливост. Значи, трчате брзо за брзина и го повторувате тоа повеќе пати за издржливост – рекол Затопек, кој во кариерата поставил повеќе светски рекорди во трките на пет, 10, 20, 25 и 30 километри, како во трката на еден час (прв истрчал повеќе од 20 километри).