Станува збор за настапот на Македонија на Европското првенство (ЕП) 2022 за
одбојкарки до 19 години, кое ќе се одржи во нашата земја
ОДБОЈКА, ЖЕНИ
Младите македонски одбојкарки, вкупно 26, од генерацијата 2004/2005, ги завршија мини-подготовките во Крушево во рамките на т.н. „Проект ЕП 2022“. Станува збор за настапот на Македонија на Европското првенство (ЕП) 2022 за одбојкарки до 19 години, кое ќе се одржи во нашата земја.
– Најпрвин ги имавме селективните тренинзи во Скопје, Струмица, Битола и во Штип каде што беа тестирани 96 одбојкарки од клубови од Македонија, од кои потоа 26-те најдобри и најперспективни беа дел од еднонеделниот камп во Крушево каде што се работеше на подобрување, главно на техничките елементи и на општофизичката состојба. Задоволни сме од досегашниот ангажман на сите одбојкарки, верувам дека така ќе продолжиме бидејќи ни престои уште многу работа, ова е само почеток – вели Емилија Терзиевска, стручна координаторка на репрезентацијата под водство на селекторот, Србинот Ненад Михајловиќ, кому му помагаа повеќе тренери од Македонија.
По Крушево, ќе следува кратка пауза по која одбојкарките ќе ги продолжат тренинзите во своите клубови. Вратите во репрезентацијата и натаму се отворени, што значи дека шанса да се наметнат ќе имаат и одбојкарите што засега не се во прв план.
– За септември планираме повторен собир и нови мини-подготовки на кои повторно ќе бидат 26-те одбојкарки, можеби и уште некоја, по што ќе следува ново селектирање за да се направи потесен избор на репрезентативките.
За натаму ќе видиме, планираме слични собири, потоа настапи на турнири и контролни средби, главно во соседните земји, најмногу во Србија, но многу работи ќе зависат од натамошната ситуација со ширењето на коронавирусот – истакнува Терзиевска.
Организацијата на ЕП 2022 не е само голема обврска туку и шанса за промовирање на македонската женска одбојка, која последниве години е во голема стагнација.
– Тука има многу потенцијал, има многу простор за напредок, но нѐ очекува и многу работа. Треба да ја менуваме свеста и кај тренерите, многу разговарав со нив, имаа многу прашања и мислам дека почнавме добро. Направивме добра атмосфера и тоа е позитивно. Сакам да пренесам нешто од српската одбојкарска култура, која е толку позната и успешна што ќе придонесе за напредок на македонската женска одбојка – вели селекторот Михајловиќ на интернет-страницата на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).