Каратиската на Макпетрол, Симона Заборска е најдобропласирана од вкупно 19-те македонски претставници на 56. Европското првенство (ЕП) во Пореч, Хрватска. Во борби, во категоријата до 55 кг, таа го освои седмото место, а малку недостасуваше да се бори и за бронзениот медал против Италијанката Сара Кардин.
Според информациите од нашиот табор, Заборска во репасажната борба несреќно загубила (0-1) на две секунди пред истекот на времето од Црнгорката Јелена Максимовиќ. Претходно Заборска забележа две значајни победи, во 1-то коло против Гркинката Александра Папа (1-0), а во 2-то коло над светската првенка и прва на светска ранг-листа, Турчинката Туба Јакан (4-2), додека загуби во четврт-финалето од Русинката Ана Чернишева (0-8).
Најголемиот адут на Македонија за медал, двократниот европски првак и двапати трет, како и кандидат за Олимписките игри (ОИ) во Токио, Емил Павлов (до 60 кг), загуби со 3-5 во 1-то коло од Павле Дујаковиќ (БиХ). Павлов на претходното ЕП во Шпанија (2019), го освои бронзениот медал. Во останатите дуели македонските каратисти во борби, остварија најмногу по една победа.
Во екипна конкуренција во борби и машкиот и женскиот состав на Македонија се поразени од посилни селекции. Мажите загубија од Шпанија (1-3), а жените од Италија (0-2).
Претходно, во дисциплината кати, Пулексенија Јованоска го освои 11-то место од 30 натпреварувачки (на претходното ЕП беше петта), додека Александар Николовски 13-то меѓу 35 натпрварувачи. Екипно, кати-мажи, Македонија во својата група (Хрватска, Азербејџан, Турција, Италија и Португалија) беше петта со 21,66 поени и не обезбеди понатамошен настап.
Г.И.