Имам големо чувство на оптимизам за следните месеци, рекол претседателот на ВКФ, Шпанецот Антонио Еспинос, на видеоконференцијата на која меѓу приоритетите беше промоција на каратето на национално ниво и ефектите од ковид-19 во Европа, како и 2021 година, кога ќе дебитира на ЛОИ

Претседателот на Светската карате-федерација (ВКФ), Шпанецот Антонио Еспинос, го почна вториот круг состаноци со националните карате-федерации на европските земји преку видеоконференција, а се очекува деновиве околу 80 федерации од целиот свет да се приклучат на тридневните состаноци. Еспинос ја истакна важноста на единството на сите земји во ВКФ, а се заблагодари и на напорите на националните федерации за одржување на спортистите и тренерите во ритам, во рамките на овие тешки времиња за спортот.
– Имам големо чувство на оптимизам за следните месеци. Сигурен сум дека заедно и со напорите на сите инволвирани страни многу брзо ќе можеме да ги продолжиме нашите активности. Додека го чекаме тој момент, спортистите и сите инволвирани во каратето ќе продолжат да инспирираат како и досега. Наша одговорност е да им понудиме на нашите заинтересирани страни можност да ги слават вредностите, единството и посветеноста на нашиот спорт – рече Еспинос.

Меѓу приоритетите беше промоција на каратето на национално ниво и ефектите од ковид-19 во Европа, потоа за историската 2021 година, кога каратето првпат ќе биде присутно на Летните олимписки игри во Токио, каде што во 1970 година се одржа првото Светско првенство. Условите за учество на завршниот квалификациски турнир во Париз остануваат исти, што значи дека покрај сегашното ВКФ-рангирање, ќе се бодуваат Премиер-лигата во Рабат, Мароко и Европското првенство во Гетеборг, в година. Во зависност од ситуацијата со коронавирусот, ќе има уште неколку натпревари, кои ќе бидат како подготовка за главните настани во 2021 година.

Од Карате-федерацијата на Македонија (КФМ), претседателот Горан Милковски, во име на ИО истакна дека и покрај лимитираните услови, најголем дел од македонските сениори главно тренираат во изолација, а слично е и со помладите категории.
– Имаме тројца спортисти со продолжена олимписка стипендија до 2021 преку олимписката солидарност на Интернационалниот олимписки комитет, што е голема чест и тие посветено се однесуваат кон своите обврски, во согласност со препораките од ВКФ и од надлежните здравствени организации. Добивме помош од Агенцијата за млади и спорт, за повеќе од половина клубови, кои ги исполнија бараните критериуми, за да можат да опстанат во овие тешки услови. Одржавме првпат онлајн натпревар за млади категории, до 15 години. Во делот на промоција на каратето, според примерот на ВКФ, поактивни сме на социјалните мрежи и преку јутјуб-каналот на КФМ. И покрај тоа што повеќето клубови работат на отворено, очекуваме здравствената комисија, во зависност од ситуацијата со коронавирусот, во септември да ни овозможи протокол за вежбање во затворени простории – пишува на интернет-страницата на КФМ.

До крајот на годинава речиси сите натпреварувања се откажани, сепак останува надежта дека во декември би можеле да се организираат барем една Премиер-лига и една Младинска лига. Првиот голем настан во нормални услови треба да биде ЕП за кадети јуниори и постари јуниори во Тампере (Финска) во февруари. Многу повеќе ќе се знае кон крајот на ноември и почетокот на декември, кога начелно е договорен и трет видеоконференциски состанок.