Магнус Карлсен

Мечот што првично беше планиран за ноември 2020 година, но одложен поради ковид-19, ќе се одржи од 24 ноември до 16 декември годинава

ШАХ

Мечот за титулата светски првак во шах ќе се одржи од 24 ноември до 16 декември годинава во Дубаи за награден фонд од два милиони евра, соопшти Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Актуелниот светски шампион, Норвежанецот Магнус Карлсен, ќе ја брани титулата по четврти пат против уште непознат предизвикувач, односно го чека победникот на Турнирот на кандидатите (играат 14 шахисти), што би требало да заврши во Екатеринбург (Русија), во април, а беше прекинат минатата година поради ковид-19.
Ова ќе биде петти меч за светски првак за Магнус Карлсен (30), кој првпат ја освои титулата во 2013 година, кога ја победи индиската шаховска ѕвезда Вишванатан Ананд. Карлсен е исто така актуелен светски шампион во забрзан и брз шах.

– Натпреварот за светски првак е извонреден настан и ние сме горди што ќе се одржи во Дубаи. Уште од првиот меѓународен турнир, одржан во Лондон во 1851 година, шахот е силно поврзан со настаните што го олицетворуваат напредокот на човековиот ум и се стремат кон извонредност. Годинашниот меч ќе биде исклучителен од многу аспекти и верувам дека ќе биде настан што треба да се памети за годините што доаѓаат. Шахот – игра со стотици години историја, но сепак енигматична, ќе ја манифестира својата убавина во оваа конкуренција на два најдобри шаховски ума, и благодарение на соработката помеѓу спонзорот „Експо“ и ФИДЕ, ќе го види целиот шаховски свет – рече претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович.