Најдобриот бугарски тенисер Григор Димитров преку социјалните мрежи потврди дека е позитивен на коронавирусот и побара сите кои биле блиску до него веднаш да бидат тестирани.
По оваа вест откажано е финалето на втората станица на „Адрија тур“ во Задар, помеѓу Новак Ѓоковиќ и Андреј Рубљов. Димитров беше дел од првото издание на егзибицискиот турнир, во Белград, кога се играше пред полн стадион.
– Здраво сите, сакам да ви порачам дека имав позитивен тест на КОВИД-19 по враќањето во Монако. Сакам да се осигурам сите кои биле во контакт со мене последните денови веднаш да бидат тестирани. Жалам за тоа што го предизвикав. Сега сум дома и закрепнувам. Останете здрави и безбедни – напиша Димитров на Инстаграм.
Сите учесници на „Адрија тур“, како и организаторите ќе бидат тестирани.