Фиде мајсторот Дејан Динев ја освои шампионската титула на шаховскиот турнир на 10. Јубилеен спортски викенд што се одржува во рамките одбележувањето на Денот на општина Илинден, „Илинден 2 Август“. На второто место се пласираше минатогодишниот победник фиде мајсторот Зоран Стојчевски, а трет беше Илија Стошевски.
Најдобро пласирани шахисти од општина Илинден беа Душко Сурловски, второто место го освои Трајче Христовски, а трет беше Васил Велинов.
На турнирот што во соработка со Шаховската федерација на Македонија се играше во Домот на култура „Илинден“, учествуваа 38 шахисти кои играа на 19 табли. Се играше по швајцарски систем од седум кола, според ФИДЕ Правилата за забрзан шах, а темпото на игра беше 10 минути по играч со додаток од 0,2 секунди по потег.
Покровителот на манифестацијата градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски кој на првата табла го одигра и првиот потег со што го означи стартот на турнирот, на најдобро пласираните им додели пригодни награди и плакети. Посебна плакета за учество и поддршка во организирањето на Спортскиот викенд „Илинден 2018“ и беше доделена на Шаховската федерација на Македонија. Во име на Федерацијата плакетата ја прими легендата на македонскиот шах Димитар Илиевски.