Дресот на бејзбол-играчот Бејб Рут од 1928 година води на ранг-листата на деветте најскапо продадени спортски предмети, со цена од 5,6 милиони долари, на аукција во 2019 година, пишува шпанскиот спортски дневен весник „Марка“
Палка, договор, дрес, бејзбол или спортски правила. Тоа се некои од предметите што со текот на времето станале највредните предмети во светот на спортот, пишува шпанскиот спортски дневен весник „Марка“ на својата интернет-страница. Секој предмет бил важен во своето време до тој степен за децении подоцна да вреди многу.
Така, дресот на бејзбол-играчот Бејб Рут од 1928 година води на ранг-листата на деветте најскапо продадени спортски предмети, кои како уметничко дело секој колекционер би сакал да ги поседува. Цената на овој редок дрес со кој настапувал во Њујорк јенкис од 1928 до 1930 достигнала 5,6 милиони долари, на аукција во 2019 година.
Тринаесетте кошаркарски правила на учителот од Канада, Џејмс Најсмит, кој беше преполн со фантазија и ја измисли кошаркарската игра, се продадени за 4,338 милиони долари, на аукцијата во 2016 година во Канзас. Следува топчето за бејзбол, со кое играчот Марк Мекгвајер го постигнал својот историски рекорд, а кое подоцна ќе биде продадено за три милиони долари. Филип Озерски, научникот на престижниот универзитет „Вашингтон“ во Сент Луис, кој никогаш не одел на бејзбол, бил на трибините на 29 септември 1988 година и го фатил рекордното топчe на Мекгвајер. По натпреварот тој побарал да се сретне со играчот за да ја му го врати топчето, но Мекгвајер го одбил. Озерски го зачувал топчето и подоцна го продал на аукција за три милиони долари.
Сликичка од 1909 година на првата ѕвезда на бејзболот, Хонус Вагнер, била продадена во 2013 година за 2,8 милиони долари. Вакви сликички имало само 200, оти Вагнер ја добил правната битка и забранил да се продаваат. Дресот на хокеарот Пол Хендерсон, кој ја предводел Канада до победа во серијата дуели во 1972 година против СССР и ги постигнал победничките голови на шестиот, седмиот и на осмиот натпревар и потоа стана национален херој на Канада, бил продаден во 2012 година за 1,275 милион долари.
Бејзбол-палката со која Рут го постигнал во 1923 година првиот т.н. „хомеран“ (поен кога удирачот со палката го испраќа топчето напред и надвор од теренот) во историјата на стадионот „Јенки“ била продадена на аукција во 2014 година за 1,265 милион долари, како најголема сума досега платена за бејзбол-палка. Ракописот на „Правилата на Шефилд“, напишан во 1859 година е продаден за 1,24 милион долари во 2011 година. Тоа е ракописна брошура што содржи некои од првите правила со кои почна да се игра фудбалот. Боксерските ракавици со кои Мохамед Али го победи Флојд Патерсон во Лас Вегас во 1965 година, биле продадени за 1,1 милион долари во 2012 година. На деветтото место на листата на „Марка“ е договорот од 1919 година за трансферот на Рут од Бостон во Њујорк, продаден за 996.000 долари во 2005 година.