Македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев заврши како третопласиран на јубилејниот 50-ти Охридски маратон, со три секунди задоцнување зад победникот Рејмонд Аксел од Франција.
Аксел постигна време од 5:10;31 на трката долга 25 километри од Свети Наум до пристаништето во Охрид, триумфирајќи во неизвесна завршница пред второпласираниот Едуардо Стокино од Италија (време 5:10;32), односно пред Поп Ацев.
Ова е трет триумф на Аксел на Охридскиот пливачки маратон во исто толку учества.
Французинката Ошан Касињол беше најбрза во женска конкуренција, откако ја исплива патеката „Климе Савин“ за време од 5:16;39 часа. Таа триумфираше пред Каролин Жуис (5:45;42) и Пилар Геијло (5:47;21).
Претседателот Стево Пендаровски, како покровител на манифестацијата, победниците ги овенча со Ловоров венец. Наградниот фонд од десет илјади долари беше рамномерно распореден во двете категории.