Македонија освои две четврти места во екипна конкуренција, во класик-спустот на четири километри и во спринтот на 400 метри

КАЈАК

Македонската репрезентација во кајак-спуст забележа добри пласмани на натпреварите во рамките на првото коло од Европскиот куп (ЕК) за сениори што се одржаа минатиот викенд на реката Ноче во Мецана, Италија.
Македонија освои две четврти места во екипна конкуренција, во класик- спустот на патеката долга четири километри, како и во спринтот на патека во должина од 400 метри.
Во спринтот, во финалето, Александар Златаров беше седми, а Љубомир Спасиќ 11-ти, а Енис Небиовски 21. Во класик поединечно, најдобар пласман меѓу македонските кајакари забележа Енис Небиовски, на 17-то место. Веднаш зад него, 18-ти, беше Спасиќ, а Златаров ја освои 20-та позиција.
Македонската репрезентација во кајак спринт/спуст во истиот состав, од Италија заминува за Шпанија, каде што ќе настапи на Европското првенство (ЕП) во спринт и во спуст, во Леон, Шпанија, што ќе се одржи од 11 до 14 август.