Две бронзи за шаховскиот проблемист Гавриловски

СВЕТСКИ КУП НА ФИДЕ

Македонскиот велемајстор (ВМ) за шаховски композиции Зоран Гавриловски постигна голем успех на Светскиот куп за годинава на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) во составување шаховски композиции, што претставува најзначаен меѓународен турнир годинава.
Гавриловски освои два бронзени медала во групите матови во два потега и самоматови, како и шестото почесно признание (осмо место) во групата помошни матови. Тој претходно на светските купови на ФИДЕ освои по еден златен и бронзен медал.

На Светскиот куп 2020, од македонските шаховски проблемисти учествуваа и ВМ Живко Јаневски, интермајсторот (ИМ) Златко Михајлоски, ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Бошко Милошески и мајсторот Георги Хаџи Васков. Годинава на Светскиот куп на Светската шаховска федерација учествуваа 330 шаховски композиции (проблеми и студии) од 225 составувачи од 37 земји во осум зададени групи.