Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски е победник во полумаратонската трка на Виз Ер Скопскиот маратон со резултат од 1 час, 9 минути и 10 секунди.
Атанас Анчевски заврши втор со 1.14.44 и трет беше Милош Ранчиќ со 1.15.56. Од жените во генералниот пласман првите три места ги земаа Миљана Ристиќ со 1.29.15, Амела Трозиќ со 1.32.22 и Силвија Шимуновиќ со 1.35.06.
По полумаратонот Ивановски изјави дека напредува и оти изминатиот период се подготвувал во Белград со многу силни атлетичари.
– Ветив малку подобар резулатат. Ветив рекорд на Македонија, но сепак не издржав бидејќи момците од Кенија воведоа многу јак ритам под три минути и наглата промена многу тешко ја поднесов и од четвртиот километaр до крај останав сам – изјави Ивановски, кој лани истрча и победи со 1 час, 11 минути и 27 секунди на полумаратонот.
Според него, патеката е рамна, има предобра организација, но поради топлото време е тешко е да се направи личен рекорд на Скопскиот маратон.
Богдан Цветковски е првиот победник на Скопскиот маратон, во трката на пет километри.
– Лани земав прво место, а оваа година ја одбранив титулата. И ова година беше потешко доста, имаше поголемам конкуренцијата- рече Цветковски. Додаде дека оваа година во трката на пет километри имало 7.000 учесници. Неговото време е 17 минути, 25-6 секунди.
Трката на пет километри беше најмасовна. Кај машките натпреварувачи први беа Цветковски, Кристијан Стојани, Леонид Вандевски, а кај жените Греса Бакрачи, Марго Бојаџиева, Викторија Ѓорѓеска.
Во трката на пет километри учествуваше и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски кој изјави дека манифестацијата била одлично организирана и масовна.
– Ова е најмасовниот настан што се случува во Скопје годинава и се надевам дека 2019 овој маратон ќе биде уште помасовен – рече Каевски.
Во трката учествуваше и министерот за финансии Драган Тевдовски.