Александар Гришчук

ШАХ – ДОБРОТВОРЕН ИНТЕРНЕТ-ТУРНИР

Рускиот велемајстор (ВМ) Александар Гришчук победи на интернет-турнирот во брз шах „Играј за Русија“ (пет минути, плус две секунди по секој потег по играч), откако во финалето го надигра ВМ Евгениј Томашевски со 3-0.

Турнирот со просечен рејтинг од 2.724 поени, кој се одигра по иницијатива од неколку врвни руски шахисти предводени од главниот двигател ВМ Владимир Крамник, собра 333.000 долари наменети за болниците и здравствените работници во Русија, кои се борат против пандемијата на коронавирусот. По неколкуте вакви добротворни шаховски турнири во врска со коронавирусот, овој засега е најуспешен по собраните парични средства.

Во регуларниот дел на турнирот настапија осум шахисти, кои играа секој со секого по две партии, по што најдобрите четворица се пласираа во полуфиналето. Во прелиминарниот дел доминираше 14-от светски првак едноподруго, Крамник, кој лани се збогува од активното играње класичен шах, со 10,5 поени од 14 можни, пред Петер Свидлер со девет, Томашевски и Гришчук имаа по осум поени. Во полуфиналето Томашевски го победи Свидлер со 1,5-0,5, а Гришчук беше подобар од Крамник со 2-1.
Табела, прелиминарен дел: Крамник (рејтинг 2.753) 10,5, Свидлер (2.723) 9, Томашевски (2.706) 8, Гришчук (2.777) 8, Карјакин (2.752) 7,5, Инаркиев (2.661) 5,5, Непомнијашчи (2.784) 5, Риазанцев (2.638) 2,5.