ЦЕВ, која ја разгледува и можноста за преместување на квалификациите за ЕП 2021, во кои ќе учествува и Македонија, од август годинава за јануари идната година, на членките ќе им подели вкупно 11,5 милиони евра помош за пребродување на кризата поради пандемијата, а на учесниците во европските купови 80 отсто од планираниот награден фонд

ОДБОЈКА

Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) реши да ги откаже сите годинашни натпреварувања под нејзин патронат. Тоа значи сите одбојкарски европски купови што досега стигнаа до четврт-финалето нема да ги завршат натпреварите. Во сезоната 2019/2020 нема да се додели ниту еден пехар. Тоа се однесува за Лигата на шампионите (ЛШ), чие финале беше закажано за 16 мај во Берлин, потоа на Купот на ЦЕВ и Челенџ-купот во машка и во женска конкуренција, во Златната и во Сребрената европска лига.

Сепак, добрата вест од европската куќа на одбојката е дека ќе се спроведе т.н. Маршалов план, со кој на членките ќе им се поделат вкупно 11,5 милиони евра како помош за пребродување на кризата настаната поради пандемијата на коронавирусот. Исто така, и покрај откажувањето на европските натпреварувања, на учесниците ќе им бидат поделени 80 отсто од планираниот награден фонд, а парите собрани од продажбата на влезниците за ЛШ ќе им бидат рефундирани на купувачите.

ЦЕВ ја разгледува и можноста за преместување за квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2021-та, во кои ќе учествува и македонската репрезентација, од август и септември годинава, веројатно за јануари 2021 година. Конечната одлука за ова треба да биде донесена на 1 јули. Македонија, која дебитира на ЕП 2019 во Љубљана, Словенија, во квалификациите е во групата Ц, со Турција, Данска и со БиХ.
Претходно беа откажани натпреварите во Златната одбојкарска лига планирани за мај и јуни годинава. Македонија како дебитант во оваа конкуренција требаше да се натпреварува во групата Ц, со Турција, Чешка и со Португалија.