Квалификацискиот олимписки турнир во Милано, во април, ќе ги открие сите патници за ЛОИ во Токио, вели Георгиевски
Шансата да исполнам олимписка норма е реална. А токму квалификацискиот олимписки турнир што ќе се одржи во Милано на 17 април ќе ги открие сите патници за Летните олимписки игри во Токио. На овој турнир, олимписка норма ќе обезбедат само финалистите, односно по двајца од секоја категорија, а преостанатите ќе се квалификуваат според освоените бодови на постојната олимписка ранг-листа. До самиот крај ќе се борам да обезбедам норма и со тоа да ја израдувам Македонија со настап на ЛОИ во Токио годинава, вели македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски.
Георгиевски моментно е 40-ти на олимписката листа со 98,02 бода (прв е Кореецот Јун Јанг со 503 бода) во категоријата над 80 кг, а на светската листа котира на 25-то место со 99,22 бода (води Куодон Ин со 461 бод), во категоријата над 87 кг. На ЛОИ ќе настапат по 16 натпреварувачи во секоја категорија.
– Бев хендикепиран во однос на збирот на бодови, затоа што собирав бодови само две години, пред сѐ поради моите години, додека преостанатите тоа го правеа четири години. Но, и покрај ова, успеав да се доближам до олимпискиот крем во овој спорт. До турнирот во Милано ме чекаат четири Г1-турнири, во Германија, Холандија, Словенија и во Бугарија, и можеби Европското клупско првенство во Хрватска, но за тоа, секако, ќе одлучат моите тренери – вели Георгиевски, кој е носител на бронзен медал од ЕП (до 21 год.), како и златен медал од сениорското ЕП, и двете одржани во Софија во 2017 година.